Американскиот Стејт департмент одобри потенцијална продажба на Косово на 246 ракети „џавелин“ за проценета вредност од 75 милиони долари, објави Пентагон.

Носители на зделката ќе бидат „Џавелин Џоинт венчур“ (Javelin Joint Venture), составена од компаниите „Локид Мартин“ и „Рејтеон мисајлс и дифенс“ (Raytheon Missiles and Defense).

Предложената продажба ќе го подобри долгорочниот капацитет на Косово да го брани својот суверенитет и територијален интегритет, оцени Пентагон.

– Ракетите „Џавелин“ покажаа ефикасност во Украина, па дури и порано, и ги покриваат нашите потреби да бидеме подготвени да ја браниме нашата земја“, изјави косовскиот министер за одбрана Ејуп Маќедонци. Тој рече и дека Косово ќе биде подготвено да одговори на секој што го загрозува неговиот суверенитет, но и подготвено да придонесе за светскиот мир како дел од заедничките меѓународни операции.

фото: архива