Германскиот канцелар Ангела Меркел и претседателот на Франција Емануел Макрон ќе бидат домаќини на денешната средба во Берлин на претставници на Западен Балкан и Европската унија.
Официјален повод за средбата е „неформална размена на идеи“ со цел зацврстување соработка во регионот.
Една од главните теми ќе биде дијалогот меѓу Србија и Косово за нормализирање на односите. Од страна на Србија ќе учествува претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ. Од Косово се поканети претседателот и премиерот.
Германски медиуми објавија дека во Берлин ќе биде „погребана“ идејата за промена на границите по етнички принцип и се очекува Германија да предложи специјален статус за северно Косово.
На средбата се поканети да учествуваат и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на Македонија, Зоран Заев, на Словенија, Марјан Шарец, претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, и претседавачот со Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ.