Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг своето обраќање за заклучоците кои произлегуваат од Самитот на НАТО во Брисел, го заврши со изјава дека Поранешната југословенска Република Македонија добива официјална покана за почнување преговори и ќе стане членка на НАТО доколку го смени името. Тој истакна дека го поздравува „историскиот договор“ и дека е време земјата да се приближи до Алијансата. Тој нагласи дека исполнување на одредбите од договорот остануваат услов за членство.

„Вратата на НАТО е и ќе остане отворена. Топло го поздравуваме историскиот договор од минатиот месец меѓу Атина и Скопје и денеска се согласивме да ја поканиме Владата од Скопје да ги почне пристапните преговори, штом ќе се завршат сите национални процедури за финализирање на договорот за името, земјата ќе му се приклучи на НАТО како 30-та членка“, вели Столтенберг.

„Или ќе го смените името и ќе влезете во НАТО или обратно, нема да го смените и нема да влезете. Двете одеднаш не може. Го поздравиме договорот и јасно кажавме дека кога сите процеси ќе бидат финализирани БЈРМ ќе стане 30-та членка на алјансата. Но нема да станете членка ако не го смените името. Тоа е едноставен избор“, изјави Столтенберг на прес конференцијата.

На новинарско прашање дали и без исполнување на одредбите на договорот Македонија може да стане членка на НАТО, Столтенберг категорично одговори дека ставот на Алијансата останува непроменет –исполнување на договорот, па потоа влез во НАТО. „Тоа зависи од граѓаните на Македонија“- потенцираше генералниот секретар.

Во текот на утрешниот ден се очекува Столтенберг официјално да му ја врачи поканата на премиерот Заев. По завршување на НАТО Самитот во Брисел, Премиерот Заев најави дека ќе има средба со македонските партии за да ги усогласат ставовите и датумот за референдум со надеж дека до 15 јануари ќе бидат завршени уставните измени.

И не само промената на Уставот која што е неопходна според генералниот секретар да се случи, туку и продолжување на реформите пред пристапувањето. Во документот во кој се регулира спроведувањето на пристапниот процес освен стандардните чекори за пристап во Алијансата. Планот вклучува и индикативни програми за продолжување на реформите, кој вклучуваат специфични проблеми на кои се очекува да се поработи, како и временска рамка на самиот процес на пристапување.