Тренерот на Челзи, Томас Тухел, најави денеска дека со сигурност ќе остане во лондонскиот премиерлигаш, кој се соочува со големи проблеми, откако британската Влада му го замрзна имот на сопственикот Роман Абрамович, како дел од санкциите воведени кон неколку руски олигарси поради инвазијата на Украина.

– Тоа е сигурно, нема сомнение дека ќе останам до крајот на сезоната. Апсолутно. Мораме да живееме ден за ден бидејќи сè може да се промени, но ситуацијата е јасна – клубот е на продажба и се надеваме дека работите ќе се средат, изјави германскиот тренер на клупата на Челзи.

„Ден за ден е добар начин на живот, а ние сега и сме принудени на тоа, бидејќи има околности на кои не можеме да влијаеме. На некој начин тоа е добро, бидејќи ви дава слобода да се концентрирате на работи на кои може да влијаете, а тоа е нашата игра и да покажеме дух“, додаде Тухел за британските медиуми.

Челзи во неделата го совлада Њукасл со голот на Каи Хаверц во 89 минута и ја забележа четвртата последователна победа во Премиер лигата.