Кучиња скитници ја загрозуваат безбедноста на стружани и туристите. Глутниците може да се забележат низ најфреквентните улици и чаршијата.
Граѓаните се загрижени за нивната и за безбедноста на нивните деца бидејќи, како што велат, некои манифестираат агресивност.
– Ми се нафрлија мене, големи расни кучиња, едвај се одбранив. Но што ќе се случеше да беше дете, не сакам ни да помислам, вели изреволтиран стружанец.
И покрај опасноста од кучињата скитници, граѓаните не пријавуваат во надлежните институции. Во полициската станица Струга годинава имало само една пријава за напад од куче скитник. За констатиран прекршок „држење кучиња без заштитни средства“ од струшката полиција било поднесено и едно барање за поведување прекршочна постапка против две лица.
– Во однос на пријавените случаи на лица нападнати од кучиња скитници, од страна на ПС Струга доставени се известувања до надлежни служби на општина Струга, изјави за МИА портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Општина Струга нема стационар за згрижување бездомни кучиња, од општинската прес-служба велат дека општината нема предвидено ништо за надминување на овој проблем годинава.
Проблемот со кучињата скитници се провлекува години наназад. Изминатата година полицијата не констатирала ниту еден прекршок за држење куче без заштита, но имало една пријава за нападнато лице од кучиња скитници. Слична била сосотројбата и во 2016 година, кога не е евидентитан ниту еден напад, а забележан е само еден прекршок за држење куче без заштита.