Поранешниот премиер Никола Груевски нема да биде екстрадиран од Унгарија во Македонија.

Вака одлучил Судот во Будимпешта бидејќи, како што јавија унгарските медиуми, не биле исполнети условите за негова екстрадиција во Република Македонија.

– Денеска е спроведена стандардна процедура на институциите во Унгарија откако криминалната и рекетарска влада во Македонија поднесе барање за екстрадиција. Судот го разгледа барањето за екстрадиција и одлучи да не го прифати, објави Груевски на Фејсбук.

Медиумите во Унгарија објавија фотографии и видео од Груевски во судот, каде тој во судницата седи со наочари за сонце и капче. Дел од медиумите во Унгарија објавија дека Груевски утринава бил уапсен за одлучување по барањето за екстрација, а при доаѓањето во судот тој одел со рацете покрини со палто, следен од две лица.

Унгарските власти минатата недела го информирале Министерството за правда на Република Македонија дека го добиле комплетираното барање за екстрадиција.

Груевски доби азил во Унгарија откако беше осуден на двегодишна затворска казна за предметот на СЈО, „Тенк“, односно за набавката на блиндираниот мерцедес кој сега го користи актуелната влада на Зоран Заев.