Самитот на рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп ќе се одржи утре во финската Претседателска палата во Хелсинки. Тоа е зграда од 19 век, со поглед на Балтичко Море, која некогаш била резиденција на руските императори во Финска.

Како домаќин на состанокот, финскиот претседател Саули Нинисте ќе има билатерални средби со двајцата гости. Пред самитот, тој официјално ќе ги поздрави Путин и Трамп.

Билатералните разговори меѓу Трамп и Путин ќе се одржат во Готската сала на Претседателската палата, по што во Салата на огледала ќе биде организиран работен ручек со повеќе членови од делегаците.

Шефовите на дипломатите од двете земји, Сергеј Лавров и Мајк Помпео, исто така ќе имаат билатерална средба.

Предвидено е во попладневните часови Трамп и Путин да одржат заедничка прес-конференција.

Лидерите на двете суперсили на средбата ќе разговараат за многу теми меѓу кои се ситуацијата на Блискиот Исток, Сирија, Иран, Украина, наводното руско мешање во изборите во САД, како и ситуацијата во која се наоѓаат нуклеарните договори.

Самитот во Хелсинки ќе биде четвртиот состанок на претседателите Трамп и Путин од инаугурацијата Трамп во јануари 2017 година.

Американскиот претседател пред заминувањето најави дека нема преголеми очекувања од самитот.

– Немам големи очекувања од самитот. Мислам дека е добро да се состанеме. Верувам во состаноци. Верувам дека состанокот со претседателот Ким беше добра работа. Мислам дека состанокот со кинескиот претседател беше многу добра работа. Така што верувам во состаноци со Русија, Кина, Северна Кореја. Од тоа нема да произлезе ништо лошо и можеби ќе излезе нешто добро, изјави Трамп во интервју за Си-Би-Ес њуз.