Рускиот претседател Владимир Путин наредниот викенд ќе се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел, потврди портпаролот на владата во Берлин.

„Канцеларката Меркел ќе му биде домаќин на рускиот претседател Путин на 18 август во објектот на Федералната влада, Шлос Месеберг “, се наведува во владината изјава.

Станува збор за палата од 18. век на околу 80 киломери северозападно од Берлин.

Портпаролот Штефан Зајберт не изнесе какви било детаљи за посетата, само кажа дека ќе се разговара за „релевантни прашања од надворешната политика“.

Се очекува прашањата поврзани со состојбата во Сирија, конфликтот во источна Укрина и билатералните односи да бидат во фокусот.

Оваа средба доаѓа по самитот во Финска меѓу Путин и претседателот на САД, Доналд Трамп.