Новиот Универзитетски клинички центар што ќе биде лоциран во скопската општина Ѓорче Петров, треба да почне да се гради во текот на зимата.

Владата на вчерашната седница ја усвои Информацијата за начинот на финансирањето на изградбата на Универзитетски клинички центар на гринфилд локација во Скопје, како и Информацијата за започнување на реализацијата на новиот Универзитетски Клинички центар.

Министерствата за финансии и за здравство се задолжени да отпочнат преговори со конзорциумот на банки Erste group, Raifaisen bank и UniCredit за заем обезбеден со гаранција од ECA. Завршена е фазата на утврдување најповолна понуда на кредит. Министерството за здравство, како договорен орган, треба да ја спроведе постапката за јавната набавка за изградба.

За потребите и реализација на новиот Универзитетски Клинички центар, со оглед дека во изведбата обврски имаат и други министерства и институции, даден е рок од 30 дена, во кој тие ќе ја разгледаат можноста за придонес во реализацијата и повратно ќе ја известат Владата.

Доколку сите процедури се одвиваат според предвидената динамика, може да се очекува во текот на зимата да биде поставен камен-темелникот на новиот Универзитетски клинички центар во Скопје, што треба да гарантира високо квалитетни здравствени услуги за населението во целата држава, стои во соопштението.