Градоначалникот на Ново Село не е единствениот функционер на власта за кој што постојат сериозни индиции за криминал. Наместо обиди за дефокусирање од големите криминали, јавноста очекува истраги за сомнителните милионски тендери на Заеви, Анѓушев и Спасовски. Заради нив Македонија е на дното на листите за корупција и срам за цела Европа.

Ова е наведено во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, во врска со откриениот шверц на цигари, поради што осум дневен притвор доби градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, кој доаѓа од редовите на СДСМ.

– Доколку властите не покренат истраги за милионските тендери во РЕК Битола и вмешаноста на камионите на Заеви, милионските тендери на Анѓушев, како и милионскиот тендер за набавка на возила за МВР распишан од Спасовски, ќе се потврдат сомнежите дека ова е само дефокус од милионскиот криминал. Овој случај само ја покажува криминогеноста на власта, дури и на нејзините најмали пипци. Додека ја продаваат државата се прави огромен криминал, се осиромашуваат граѓаните, а се богатат неколку луѓе блиски до  власта, се в ели во соопштението на најголемата опозициска партија.

Натаму се додава дека „вчера Зоран Заев и повторно и покажа на целата македонска јавност зошто СДСМ не треба да управува со Република Македонија“.

– Од странска телевизија го слушнавме премиерот како се гордее со фактот дека ги исполнил сите грчки црвени линии, што прифатил промена на името, географска одредница, и истото да биде за севкупна употреба. Граѓаните слушнаа дека Заев не го интересира државата. Заев го интересираат само милионските бизниси на неговите фирми. Јавноста слушна како на Заев, кој е премиер на Република Македонија и по функција треба да ги штити нејзините интереси кажува дека нему не му е важно дали државата ќе се вика Северна или Јужна Македонија. Заев и оваа власт не работат за Република Македонија, тие работат на штета на државата и нејзините интереси и само за профитот на своите фирми, се вели во соопштението.