Пропаднатите бизниси и компании кои заминуваат во стечај повторно се сликата за Македонија, исто како во 90-тите години од минатиот век, реагира денеска ВМРО-ДПМНЕ на бизнис климата во државава.
– Владата на Заев и СДСМ направија економски пустош во државата. За година и половина владата на Заев успеа да ја врати Македонија назад во мрачните времиња на транзицијата. Пропаднатите бизниси и компании кои заминуваат во стечај повторно се сликата за Македонија исто како во 90-тите. СДСМ се врати на власт за да ја доврши криминалната транзиција и целосно да ја девастира македонската економија, се вели во соопштението.
Градежништвото, се додава, кое е мотор на економијата и влече со себе околу 20 други гранки, е во слободен пад.
– Минатата година градежништвото во Македонија забележа катастрофален пад, а градежништвото пак годинава споредбено со август минатата година е во минус за огромни 30 проценти. Странските директни инвестиции во јули годинава се во едноцифрен број на милиони евра. Сите макроекономски показатели укажуваат на фактот дека црното економско трио составено од Заев, Тевдовски и Анѓушев во изминатите година и половина направија финансиски пустош во државата. Криминалниот картел на власта спроведува општ грабеж во државата. Додека владата на СДСМ ги задолжува граѓаните за милионски суми, парите наместо за проекти и капитални инвестиции, преку криминални тендери и грантови легнуваат на приватните сметки на високи партиски и државни функционери на СДСМ, предупредува најголемата опозициска партија.
СДСМ, се вели натаму во соопштението, се обиде и насила да им го одземе достоинството на граѓаните, односно идентитетот, името и јазикот, преку капитулантскиот договор од Преспа.
– Се обиде преку распродажба на државните и националните интереси да го продолжи животниот век на политичката кариера на Зоран Заев. Граѓаните гласно и кажаа доста, на власта на СДСМ. Огромното мнозинство од 1.2 милиони граѓани на Македонија преку апстиненција се одлучија да каже НЕ на капитулантскиот договор со Грција, НЕ на криминалот на власта, корумпираното судство и криминалниот картел на власта. Покрај притисоците, заканите и уцените граѓаните јасно и гласно кажаа дека на крајот Македонија ќе победи, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.