Владата на Зоран Заев е единствената Влада што само се задолжува, а не работи ништо. Заев и Тевдовски денеска ги задолжуваат граѓаните за нови 22.400.000 евра, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ по повод зголемувањето на долгот во Република Македонија.
– Ситуацијата е алармантна. Економијата крахира, стопанствениците секојдневно алармираат дека никогаш не било полошо од сега. За прв пат во историјата на нашата држава, јавниот долг се зголеми за над 5 милијарди евра и ја проби психолошката граница од над 50 проценти. Само во првиот квартал од 2018 година, СДСМ ги задолжи граѓаните за над 300 милиони евра нов нето долг. Дополнително според фискалната стратегија на оваа неспособна власт до крајот на мандатот ќе го зголемат долгот на над 6 милијарди евра. Задолжувањата одат во плафон, економијата пропаѓа од ден во ден, а проекти нема никакви. Ниту едно од ветувањата на овој картел на власт од пред изборите не е исполнето. А, верувајте, нема ни да биде исполнето, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој рече дека граѓаните својот револт кон погрешните политики на оваа Влада и криминална власт го искажаа во саботата на големиот сенароден протест.
– ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот и со експертската јавност работи на програма која ќе биде решение и санација на сите проблеми кои им ги наметна на граѓаните оваа ненародна и неспособна власт. Реална, издржана, почитувани, програма која што ќе треба да се реализира во наредниот период конкретна, со рокови и со визија. Ние ќе понудиме мерка за намалено ДДВ на 2 отсто за артиклите кои се најпотребни и најкористени од страна на граѓаните. Наместо зголемување на даноците, ние ќе понудиме дополнителни даночни олеснувања за сите компании кои ќе вложат во развој на нови работни места. Наместо повисока акциза за дизел горивата, почитувани ние ќе ја намалиме. Наместо стопирање на инвестициите во здравството, ние ќе изградиме нов лик на здравството преку масовен пакет на реконструкции, изградба на нови болници и ќе вложуваме во нов медицински кадар. Наместо одлив на млади и образовани кадри од нашата држава, ние ќе понудиме перспектива на младите и секоја учебна година ќе дадеме директна понуда за вработување на 500 студенти. Наместо стагнација на образовниот кадар, ние во текот на нашиот мандат ќе обезбедиме покачување на примањата за 50 отсто. Наместо стагнација и намалување на пензиите, ние ќе им ги покачиме пензиите на пензионерите до 40 проценти, порачаат од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската партија нагласува дека наместо безидејност, криминал, корупција, неспособност и хаос што го нуди оваа Влада на СДСМ и Заев ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди идеја, визија, реални и конкретни и издржани проекти и иднина и просперитет на нашата држава и идните генерации во нејзе.
– Граѓаните се охрабруваат и кажуваат доста е! Овој криминален картел на власт мора да падне и да се разбие, е пораката од најголемата опозициска партија.