Италијанската полиција спроведе истрага откако пронајде две кеси со вкупно 36.000 евра во исповедалница во црква во близина на Ватикан, пишува италијанскиот весник „Месаџеро“.

Парите ги нашол свештеникот Џовани Мартире Савина додека ја чистел исповедалницата во црквата.

Се уште не е познато дали се работи за донација или пак некој „грешник“ се обидел да се ослободи од илегално стекнати пари.

Полицискиот инспектор Салваторе Фриано изјави дека засега не се исклучува ниту една варијанта.

– Анонимните донации на црквата не се реткост, но никогаш не биле во прашање толку пари, вели отец Савина.

Доколку полицијата утврди дека не се работи за украдени или незаконски стекнати пари, тие ќе останат во црквата.