Во две паралелки од основното училиште „Гоце Делчев“ во изолација се уште 22 првачиња, покрај 17-те други за кои беше соопштено вчера.
Општина Центар информира дека мајка на едно од првачињата, која е и наставник во училиштето, иако веќе неколку дена имала симптоми на коронавирусот и не одела на работа, детето го носела на настава.
Општина Центар во соопштението остро го осуди неодгворното однесување на наставничката и бара од директорката целосно да го испита случајот и соодветно да ја санкционира вработената.
– Нагласувам дека вакво несовесно и неодговорно однесување на еден просветен работник не смее да биде толерирано. Наставниците треба да бидат пример како се работи посветено за доброто на децата и во никој случај не смеат да дозволат со своето однесување да ја доведат во опасност безбедноста на учениците, изјави градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.
Општината соопшти дека презела сите мерки за одржување на хигиената во училиштата и апелира до образовниот кадар и до родителите да ги почитуваат здравствените препораки и протоколите.