Во Љуботен, општина Бутел, денеска ќе се одржи првиот фестивал на лубеницата, каде што ќе се обрати и министерот Љупчо Николовски.

Градоначалникот Велимир Смилевски ќе ја отвори оваа прва манифестација со која се слават летните слатки и освежителни плодови типични за Општина Бутел, лубениците и дињите.

Четиринаесет производители на бостан од општината, ќе ги изложат своите производи во дворот на ОУ „Лиман Каба“ за што ќе им бидат доделени соодветни признанија.

Од општина Бутел најавуваат и културно-уметничка програма, а присутните ќе можат да вкусат, освен љубеница и диња, и повеќе специјалитети карактеристични за жителите од Љуботен.

На овој прв фестивал на лубеницата, освен градоначалникот Велимир Смилевски, треба да се обрати и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

И додека министерот отвора фестивал на лубеницата, бостанџиите вчера се жалеа дека цената е падната на три денари и откуп на бостанот нема. Земјоделците незадоволни од односот на Министерството за земјоделство и министерот Николовски кој, како што се пожалија, не презема ништо за решавање на овој проблем.

Цената по која треба да се врши откупот денеска е три денари, а е главната причина поради која откупот е стопиран, а земјоделците се решија за протест.

Бостанџиите велат дека цената на бостанот е три денари, што според нив е катастрофа. Тие упатија повик и до министерот да дојде да ја среди работата.

– Три денари, бостанот скапа по нивите, што не оди. Го повикувам министерот итно да дојде, да види каква е ситуацијата и Владата да засука ракави, да му помогне на земјоделецот, изјави еден од земјоделците.

Тој кажа дека бостанот ќе скапе и дека Владата треба да помогне за оваа земјоделска гранка да не исчезне.

Ова е втора година откако производителите на бостан маки мачат со ниската откупна цена. Откако СДСМ  е на власт нивните проблеми никако не завршуваат, а револтот е се поизразен деновиве поради слабата реакција на владата на СДСМ и министерот за земјоделие Љупчо Николовски кој ветуваше „подобар живот за сите“.

Опозицијата го обвини министерот Николовски дека продолжува бесрамно да ги лаже земјоделците.

– Тој  не гледа проблем ни кога цената на бостанот се движи од 2-3 денари кога се враќаат пратки со домати од странство, заради карантински болести, а на повидок е повторно враќање на голема количина со праски. Уште една голема лага се дополнителните средства за доматите кои ќе се носат на преработка во преработувачките капацитети ако се знае дека голем дел од нив почнуваат со работа кон крајот на август и почетокот на септември. Николовски има амнезија и за ветувањата кои им ги има дадено на земјоделците. Тој вети дека 15 дена пред откупот ќе ги објавува и ќе ги гарантирате откупните цени и на откупувачите и на производителите, реагира денеска ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека земјоделците се понижени, а нивното достоинство згазено.