Отпочнувањето на преговорите за влез во ЕУ е единствената гаранција дека земјата и натаму ќе биде стабилна, дека ќе води инклузивна политика и дека ќе продолжат реформските процеси во С. Македонија, нагласил премиерот Зоран Заев на состанокот со еврокомесарот Јоханес Хан.

Премиерот Заев денеска на маргините на Виенскиот економски форум се сретна со еврокомесарот за поширување и добрососедска политика Хан.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, Заев го информирал еврокомесарот Хан за последните политички случувања во земјата, за успешно спроведените претседателски избори, кои се уште еден доказ дека земјата е стабилна и сигурна и оти со право заслужува да добие датум за преговори со ЕУ ова лето.

Премиерот Заев, како што се наведува, истакнал дека нема друга алтернатива за РС Македонија, освен полноправно членство во ЕУ и во НАТО.

Хан, пак, средбата со премиерот Заев ја искористил уште еднаш да ја потврди неговата и поддршката на ЕК за, како што е наведено, РС Македонија на патот кој веќе го оди со големи чекори, патот кон НАТО и ЕУ.