Оптимист сум, но не е крај на светот ако решението за проблемот со името е случи решение и во септември или октомври, изјави денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање по завршувањето на рочиштето за „Поткуп“.

– Ова го зборувам од разумен аспект заради очекувањата на граѓаните и се надевам, дај Боже, на Самитот да имаме решение. Сакам договор за мојата земја, оптимист сум и еден од првите луѓе кој го сака тоа, но не можам да кажам дека имаме договор за прашањето за името, изјави Заев.

Тој рече оти се надева дека ќе има договор.

– Успехот што досега го постигнаа министрите за надворешни работи е за почит. Се надевам дека токму на маргините на Самитот на ЕУ и Западен Балкан и на средбата што ќе ја имам со грчкиот  премиер Ципрас ќе можеме да ги потврдиме досегашните успеси и ако не друго да проговориме за начините за изнаоѓање на решение, рече Заев.

Во контекст на тоа додаде дека сака уште еднаш граѓаните да знаат дека самитот во Софија не е „дед лајн“, туку пред се самитот на Советот на ЕУ кога се ослучува од страна на премиерите или на претходниот состанок на Советот на ЕУ кога се очекуваат првите правно-формални одлуки кои се однесуваат на Македонија, а тоа е добивање датум за преговори.

– Самитот на НАТО Алијансата се одржува во јули, но тоа не е врзано за правното формализирање на одлуките за нашето членство во НАТО, заради тоа што со постигнување договор со Грција автоматски тргнува процесот на пристап кон НАТО. Тоа значи пред се разговори меѓу Владата и НАТО, а потоа веднаш и ратификација во Парламентот, рече Заев.

Тој додаде дека отприлика при крајот на јули се очекуваат конечните датуми, кои посакуваме да бидат крај на решението, но секако не по која било цена.

Од Грција, пак, оптимизмот е поумерен и велат дека се уште решението е далеку.

– Во тековните разговори со нашите соседи имаме направено значителен напредок, но сѐ уште не сме блиску до исходот од преговорите и постигнување договор, рече портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос на денешниот редовен брифинг со новинарите.

Тој додаде дека токму затоа средбата на двајцата премиери “ќе биде исклучително корисна и важна”.

– Но, во никој случај не можеме да предвидиме дека ќе се постигне договор и многу веројатно дека ќе биде потребна и следната рунда со цел да се покрие дистанцата што ги дели двете страни, рече Ѕанакопулос и додаде дека грчката Влада продолжува „стабилно и одлучно да ја брани националната линија за сложено име, што ќе важи за сите, нешто за што предуслов, по дефиниција е ревизија на Уставот”.

Уставната промена не треба само да се предвиди, туку и да се примени во пракса пред ратификацијата на договорот, вели Јоргос Кумуцакос, одговорен за надворешна политика во грчката опозициска партија Нова демократија.

– Непрекршлив предуслов и основна гаранција за конечно решение на прашањето за името на Скопје е промена на нивниот Устав. Промена, што нема само да се предвиди, туку ќе биде применета во пракса пред ратификација на кој било договор, вели Кумуцакос.