Граѓаните кои одлучија да учествуваат на референдумот, со  над 90 проценти дадоа јасен патоказ каде треба да се движи Македонија, истакна премиерот Зоран Заев на денешната дебата насловена: „Мостови или ѕидови? Македонија и Западниот Балкан во Европа“, организирана во рамки на Форумот за граѓанско општество Скопје 2018.

Тој говори за 36 отсто од тие што гласаа (за и против) на референдумот, а го занемарува процентот од 64 отсто од гражаните на Република Македонија кои го бојкотираа референдумот за смена на Уставот и уставното име на Република Македонија во Северна.

– Сега работите преминуваат во институциите на системот. Владата вчера ја отвори иницијативата за уставни измени и таа уште вчера влезе во Собранието. Очекувам Парламентот денеска или утре да ја почне постапката пред Уставната комисија за отворање на дебатата, рече Заев.

Тој изјави дека е оптимист оти измените на Уставот во Собранието лесно ќе минат.

– Ова што се случува овде во Македонија со вака важни и сериозни одлуки е диференцирање на два правци и во владејачката гарнитура и во опозициската структура – прогресивни и регресивни. Сериозноста на сфаќањето дека без договор со Грција нема интеграција во ЕУ и НАТО е конечно потврдена и нема дилеми. Ние треба да се исправиме пред одговорноста на времето што го живееме. Одговорноста за земјата и за граѓаните е најважната работа пред која сме исправени, а потоа се нашите секундарни работи – каков рејтинг имаме, дали ќе не изберат повторно на избори. Од тој аспект јас многу верувам во нашиот Парламент дека ќе надвладее прогресивниот елемент, дури и по вака сериозно чувствително прашање, рече Заев.

Тој изјави дека е релаксиран и е оптимист во пресрет на дебатата во Собранието за уставните измени дека тие ќе поминат на „прва топка“.