Стапката на вакцинација со МРП вакцина во Македонија изнесува 98 проценти, во Скопје изнесува 99, а во останатиот дел од државата 97 отсто, соопшти Министерството за здравство.

Досега, вакцинирани се 35.870 лица со МРП вакцина на возраст до 14 годишна возраст. Од нив, во Скопје се вакцинирани 16.732, додека пак, во останатиот дел од државата се вакцинирани 19.138 лица на возраст до 14 години, кои подлежат на вакцинација.

Во центрите за јавно здравје, дополнително се аплицирани вкупно 6.189 дози на вакцина, од нив повеќе од 60 отсто се здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, останатите се контакти и лица над 14 годишна возраст.

Од почетокот на епидемијата, се регистрирани 1.893 случаи со мали сипаници на територија на целата држава, што претставува најголема бројка во изминатите 20 години.

Родителите ги послушаа препораките на Министерството за здравство и ја препознаа важноста за навремено вакцинирање на децата со МРП вакцина. Мерките вродија со плод. Од опфат од 89 отсто пред епидемијата со морбили, сега оптфатот е над 99 отсто, а препораката на Светската здравствена организација е 95 отсто. Крајот на епидемијата од морбили ќе биде прогласен, кога двапати по 12 дена нема да има пријавено ниту еден заболен пациент со мали сипаници, се вели во соопштението од МЗ.

Остануваат во сила претходно препорачаните мерки и активности, кои ги преземаат центрите за jавно здравје, Институтот за jавно здравје, Министерството за здравство, ДСЗИ и вакциналните служби во пунктовите за вакцинација.