Братислав ДИМИТРОВ

(Локална дилема: „Змија или магаре?“)

Некој рекол дека заклучокот е местото на кое сме се умориле од размислувањето. Не важи за нас. Ние сме неуморни. Некој живее во Зрзе, Лас Вегас или Гармишпартенкирхен, а другите во заблуда. Светот е поделен на два дела. Едните пишуваат, а другите не читаат. Затоа што вториве сè си знаат. Сјорен Кјеркегор филозофирал во својата книга „Или-или“, ама овдешниве генијалци тоа го применуваат во пракса. „Или си со нас или си против нас!“ Не знаат што прават, ама тоа го прават уредно. Нивниот темел е древната изрека: „Или ич или брич!“

Полемиката кога било подобро, денес или вчера, е хронична како болест. Равенката нема непознати. Планетава е доведена во стадиум кога можеме да дискутираме само кога било помалку лошо. Минатото секогаш победува. Кога те боли заб, најмногу те боли сега. Не може да те боли повеќе од пред педесет години. Во социјализмот сонувавме за капитализмот и со отворени очи. Холивуд ни беше поблиску од Драчево. Џон Вејн и Гари Купер ни беа браќа „по бабине линије“. Мерилин Монро и Софија Лорен званично ни беа први братучетки, а приватно… да не кажам што, доволно сум безобразен. А што правиме денес? Се враќаме со забот во минатото.

Во социјализмот, класиците на комунизмот, наставниците и родителите постојано ни повторуваа: „Работата го создала човекот“. Дента кога станавме човеци, ние го откривме неработењето. Тогаш се роди славната изрека: „Не може мене никој да ме плати толку малку колку што јас можам малку да работам“. Потоа дојде капитализмот со истите луѓе и ние ја научивме следната лекција. Не ги бидува ни за комунизам ни за капитализам! Што е трето? Да ми извините на израз, подолгото.

Јас сум во години кога не ми личи ни да се фалам ни да се жалам. Добро, најмногу ми личи да сум пензионер, ама нека се знае. Јас кога сум живеел и работел во Лондон, Амстердам, Норвешка и насекаде многу одамна, денешниве „експерти“ биле среќни да оптегнат шаторче во синдикалното одморалиште „Андон Дуков“ во Струга. Не сум бил претставник на никого и на ништо за да го усреќам тогашниот социјализам. Работев како келнер, возач на „виљушкар“, диск-џокеј и др. Како и да ја вртиш, суштинската разлика е проста. Каков и да бил животот, во социјализмот луѓето работеа за да живеат. Во капитализмот луѓето живеат за да работат.

Кога ќе се спореди со денешниот суров прагматизам, социјализмот беше како уметнички перфоманс. Тогаш бадијалчењето беше доказ дека човек може да биде бескрајно зафатен, со апсолутно ништо. Бадијалчењето беше најсигурна работа. Нема шанси нешто да погрешиш. Нобеловецот Албер Ками одамна напишал: „Мора да го замислиме Сизиф како среќен“. А уште посреќен ќе биде ако го замислиме како лежи на кауч и бадијалчи. И моите стари другари Петре Мојсовски и Лазо Станојевски (попознати како школски другари на славниот Предраг Тасиќ) одамна ја решиле темава:

„Бадијалчењето е единствената работа што ќе ја завршиш навреме. Ако можеш да бадијалчиш денес, не одлагај за утре. Никогаш не оставај за утре нешто што можеш да го оставиш за задутре. Ако сакаш да бидеш секогаш зафатен, не работи ништо“.

Бадијалџија е духовен аристократ. Господин човек. Сите други „кадри“ хронично и панично сакаат да бидат „некој“ и „нешто“ и што е најтрагично – успеваат! И за поголемиот дел од народот, познат и под терминот проста маса, има надеж. Дали навистина здравиот просјак е посреќен од болниот крал, како што тврдат синдикалните лидери? Со ова стручно мислење се согласил и филозофот Артур Шопенхауер. Само потсетил дека во пракса е малку многу тешко да најдеш болен крал и просјак што пука од здравје. Туѓата болест не е утеха за нашето здравје. Бев на психијатар и ми открија дека сум нормален. Го молев докторот убаво да провери, но дијагнозата беше иста и докторот ме тешеше: „Не е важно, се случува. Најважно е да бидеш човек“.

Седам разочаран и длабоко размислувам. Не сакам да бидам човек. Сакам да бидам бадијалџија. Според некои научници, дисциплината „бадијалчење“ најблиску е до некоја трансцедентална медитација или која било мистика. Треба да се задржи минимум постоење за да се има максимум слобода. Не може? Добро. За почеток ќе бидам поет. Седам и шлапкам со боси нозе во кротка и бистра вода, додека ветрот ги мрси распуштените коси на околните брези. А небото со својата тиркизна насмевка го поздравува секој нов ден како ново и невидено чудо.

Знам, не е доволно неразбирливо, ама ќе вежбам.

И ете така пополека се домкнавме некако до самиот крај на пустинкава. Патем среќававме многу „или-или“ прашања ама не стигнавме да ги одговориме, истрауматизирани од претходните референдиумски прашања.

Затоа еден поет на крајот на својата стихозбирка напишал: „Дали да се убијам или да се напијам кафе?

Му предложив обратен редослед поради технички причини. Во уметничките не се разбирам. Сè уште сум поет чирак.

МИА