Денеска, на 22 септември нашата црква го празнува денот на родителите на Марија, мајката на Исус. Дали ги знаете нивните имиња? Веројатно не. Нема да ги дознаете ни доколку сте ревносен читател на Библијата зашто таму тие не се споменуваат. Причината за тоа? Никој не ја знае. Како тогаш ги знаеме нивните имиња?

Прашањето не води кон Протевангелието на Јаков, братот на Исус (за дилемите на научниците околу тоа кога е евангелието напишано и дали автор навистина е Јаков во друга прилика), кој детално ги опишува настаните и маките родителите на Марија пред нејзиното раѓање. Во секој случај, текстот завршува со: „Јас Јаков, ја напишав оваа приказна во Ерусалим.“

Јоаким, татко на Марија, бил богат човек. Многу богат. На Бога му принесувал двојни понуди. Велел: „Ова е за добробит на сиот народ и за мене, Господ да се смилува и да ми ги прости гревовите“.

Но, на еден празник, еден од свештениците му префрлил: „Не е законски да носиш дарови, бидејќи немаш пород“.

Тоа го вознемирило Јоаким и тој заминал во пустина. Си ветил дека 40 дена нема да јаде и да пие, додека Господ не ги слушне неговите молитви. Тие се сведувале на едно: тој и неговата сопруга, Ана, да имаат пород.

Во меѓувреме, неговата сопруга, Ана, била двојна загрижена и збунета и говорела: „Ќе бидам во двојна жалост поради тоа што ќе станам вдовица (мислела дека Јоаким нема да се врати од пустината) и поради неплодноста.“

Тогаш се приближил големиот празник Господов, а Јудита, нејзината слугинка, и рекла:

„Уште колку долго ќе си ја мачиш душата своја? Празник е Господов и не е по закон некој да биде во жалост. Земи ја оваа облека што ја донесе еден кој ја прави, зашто не треба да ја носи слугинка како мене, а тебе и подобро ќе ти стои.“

Ана и одговорила:

„Оди си од мене. Не сум навикната на такви работи, а и Господ ме посрамоти. Се плашам дека ти ја дал некој зол мајстор, и дека ти си дошла да ме загадиш со гревот мој.“

Слугинката и одговорила: „Какво зло јас би ти посакала, па не сакаш да ме послушаш? Јас не можам да ти посакам поголема клетва од таа под која веќе си, да не бидеш мајка!“

На тоа Ана силно се вознемирила, пишува Јаков, и имајќи ја на себе венчалната облека, околу деветиот час отишла во градината да прошета.

„И здогледа ловорово дрво и седна под него и му се помоли на Бога говорејќи: „О Боже на татковците мои, благослови ме мене и молитвите мои како што ја благослови Сара и и го подари синот Исак…“

Тогаш и пришол ангел Господов, вели Јаков, и и рекол:

„Ана, Ана, Господ ја слушна твојата молитва. Ќе забремениш и ќе родиш и за твојот пород ќе се зборува низ целиот свет.“

И Ана одговорила: „Како што е жив и Господ Бог мој, што и да родам, машко или женско, ќе го посветам на Господ Бог и ќе му служи во светите работите сиот свој живот“.

Тогаш се појавиле уште два ангела кои и соопштиле дека се враќа и Јоаким, зашто ангелите веќе му соопштиле дека Ана ќе остане бремена.

Тоа е почетокот на приказната раскажана од братот на Исус, Јаков (или од тој што пишувал користејќи го неговото име) која ќе доведе до раѓањето на мајката на Исус. Кога имала девет месеци, Ана ја ставила на нозе да види дали може да стои, а таа направила девет чекори и се вратила во скутот на мајка си.

Авторот на Протевангелието не пропушта да го наведе и моментот кога и се јавува ангелот за да и каже дека „Господ е со неа и дека ќе забремени“. Марија тогаш имала 16 години.

Извонредно четиво, а еве и линк до него на српски јазик.