Воведувањето на царина од 30 отсто за увоз на земјоделски производи во Косово не значи трговска војна меѓу Македонија и Косово, оцени денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
– Мерката не е насочена против Македонија и се однесува на сите држави во светот кои извезуваат земјоделски производи во Косово. Имајќи ги предвид сите меѓународни договори имаме обврска и ние да преземеме наши мерки. Тие ќе бидат анализирани во соработка со Министерството за земјоделство и Царинската управа, но истовремено ќе бидат разгледувани и во склоп на Секретаријатот на ЦЕФТА и со другите членки и држави, изјави Бектеши по средбата со косовскиот министер за регионален развој Расим Демири.
Тој посочи дека македонската страна не била навремено информирана за воведувањето на мерката и додаде дека согласно ЦЕФТА Договорот Косово било должно навреме да ги информира сите земји членки за намерата за воведување царини. Нагласи дека денеска ќе се одржи средба на која првично ќе се анализираат сите можни импликации врз македонските производи, а потоа ќе се заземе став дали ќе се воведат контра мерки.
– Како Министерство за економија и Влада не сме биле информирани, но во разговор со Секретаријатот на ЦЕФТА дознав дека не биле информирани ни другите членки на ЦЕФТА. Зошто косовското Министерство за трговија и индустрија не ја информирало ЦЕФТА за мерките што ги имале во предвид да ги преземат треба да одговорат тие, бидејќи според моите сознанија токму тие ја предложиле мерката, рече Бектеши.
Косовскиот министер Демири посочи дека мерката е воведена со цел да се заштитат домашните производители на земјоделски производи.
– Одлуката нема ништо против Македонија и нејзина цел е да се заштитат косовските производители на земјоделски производи. Мислам дека мерката е добро проанализирана и сметам дека ќе биде во корист на нашите производители и оти ќе има позитивни влијанија, рече Демири.
Владата на Република Косово вчера донесе одлука за воведување 30-отстотна царина за увоз на земјоделски производи во Косово. Мерката, што ќе трае 90 дена, треба да стапи на сила од петок.
За воведувањето на царина од Косово пишуваваме уште минатиот месец, но тогаш беше посочено дека тоа се шпекулации.