Професорот на скопскиот Медицински факултет д-р Нико Беќаровски, открива неколку дилеми околу коронавирусот.
Тој, за весникот Слободен печат, тврди дека позитивниот ПЦР тест не мора да значи дека пациентот е заболен од САРС-КоВ-2 болеста.
– Сепак, доколку имате покачена температура, сува кашлица, отежнато дишење, изгубено чувство за вкус или мирис, главоболка, вртоглавица, пролив, осип на кожата, има големи шанси да сте заболени од САРС- КоВ- 2, тврди Беќаровски и додава дека „колку повеќе симптоми, толку повеќе шанси заболувањето да се случило во организмот“.
Професорот потсетува дека дневните извештаи на Министерството за здравство покажуваат само колкав е бројот на новооткриени случаи со позитивен ПЦР тест, но не и бројот на вистинските нови болни, бидејќи болест без симптоми не постои.
– Болен со симптоми е заразен за околината, а човек со позитивен ПЦР тест, без симптоми не мора да е заразен. Треба да се тестираат само луѓе со повеќе симптоми. Негативен ПЦР тест со неколку симптоми на болеста не значи дека немате Ковид-19, напротив, задолжително направете лабораторија, антитела и рентген. Сите вируси се лекуваат симптоматски а мал дел и со антивиремици. За САРС-КоВ-2 уште нема ефикасен антивиремик, вели Беќаровски.
Извор: Слободен печат