Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 22 до 28 февруари тестирани се вкупно 20.161 материјал во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, што е за 27,2 отсто повеќе во однос на минатата недела. Регистрирани сe 3.628 нови позитивни случаи од 32 градови во државата со зголемување од 56,4 отсто во однос на минатата недела, соопшти Министерството за здравство.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.675; 46,2 отсто), со неделна инциденца – 271,2/100.000. Највисока неделна инциденца од 681,1/100.000 е регистрирана во Неготино и Кавадарци (641,4/100.000). Процентот на позитивност се движи од 12 до 21,7 отсто, просечно 17,9 отсто.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=911, 25,1 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од од 30 до 39 години (n=666; 18,4 отсто), од 40 до 49 (n=660; 18,2 отсто), од 50 до 59 години (n=612; 16,9 отсто) и од 20 до 29 години (n=530; 14,6 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=61; 1,7 отсто) и од 10 до 19 години (n=188; 5,2 отсто).
По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 1.766 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, идентично во споредба со минатата недела.
Пријавени се 69 смртни случаи од 20 градови, што е за еден случај помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 60 лицa биле над 60 години, пет лица на возраст од 50 до 59 години, три лица на возраст од 40 до 49 години и едно лице на возраст од 30 до 39 години.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 22 до 28 февруари, како и кумулативната состојба се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.