Уставните измени и европската иднина на земјата остануваат во фокусот на Владата, а ВМРО-ДПМНЕ го детализираше барањето за избори со тоа тие да се одржат до крајот на годината и дека нема да учествуваат во техничка влада. На ова барање за избори се приклучи и Левица, додека од Алијансата за Албанците предупредија дека доколку не се донесат уставните измени, ќе има нови барања.
Против притисоците и од внатре и од надвор се бори опозицијата, која не ги поддржува уставните измени по бугарски диктат, а според повеќе анкети и огроммен број од Македонците се против „демократија сосила“ и наметнување неприфатливи решенија.
Премиерот Димитар Ковачевски беше во посета на Атина каде што учествуваше на неформалната вечера посветена на 20-годишнината од Солунската агенда, организирана од неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис. Освен учеството на вечерата заедно со лидерите на ЕУ и на уште седум земји од регионот, Ковачевски се сретна со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, која вчера на Твитер изрази надеж дека сите партии во македонскиот Парламент ќе ги поддржат уставните измени и патот на земјата кон Европската Унија.
-Кај нас има сѐ уште политичари, како што имаше и во минатото во однос на тоа дека не треба да се носи таква одлука, и дека требало да се чека, па дури и лидерот на опозицијата ќе изјави дека тој е спремен да чека и 10, и 20 итн години. Најдобра потврда како изгледа чекање седење во чекална е токму овој состанок овде, бидејќи Солунскиот состанок се одржа пред точно 20 години. На солунскиот состанок пред 20 години дел од Западен Балкан беше Хрватска, тој беше Самит – ЕУ со Западен Балкан, а во Западен Балкан беше и Хрватска. Ние со Хрватска заедно го започнавме зачленувањето, пристапувањето кон ЕУ во 2006 година, истакна премиерот Ковачевски од Атина во изјава за МИА.
Хрватска, додаде тој, сега веќе е членка на ЕУ, членка на Шенген, и земја во која платежно средство е еврото, „а ние сѐ уште имаме политичари коишто велат дека треба да се чека“.
– С. Македонија не смее да остане во друштво на Босна и Херцеговина и на Косово. Тоа се држави кои сѐ уште имаат проблеми во дефинирањето на државите и нашите деца не заслужуваат нивната држава да биде во тоа друштво во поглед на европските интеграции, затоа одлуките ни се потребни сега заради иднината и на сегашните и на идните генерации, истакна Ковачевски.
Премиерот рече дека на средбата со претседателката на ЕК фон дер Лајен разговарале и за европската перспектива на Македонија, но и за регионални прашања. За уставните измени коишто веќе се наоѓаат во собраниска процедура, Ковачевски рече дека и двајцата изразиле задоволство што е започнат процесот.
-Процесот започна успешно и се надевам, исто како што и ЕУ се надева, дека во нашето Собрание ќе има визија и ќе има храброст пратениците да донесат една важна одлука која што се однесува на продолжување на европската интеграција на С. Македонија во Европската Унија, објасни Ковачевски.
На средбата станало збор и за планот за развој за Западен Балкан, промовиран лично од претседателката на ЕК, а што се однесува на зголемување на финансиските средства за финансирање на регионални проекти во земјите од регионот, зголемување на соработката пред се на економската и забрзување на процесот на интеграција на сите земји во ЕУ, а најави и посета на фон дер Лајен на Скопје, но и негова посета на Брисел.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по средбите во Атина со високи претставници на ЕУ истакнал дека постои момент на решителност за ново проширување на Европската Унија и дека Македонија не смее да ја пропушти оваа шанса и повторно да чека.
-Пораката е јасна, државите од Западен Балкан што поскоро да се најдат во Европската Унија. Како никогаш до сега, постои момент и решителност за ново проширување на Европската Унија. Сите се свесни дека Европската Унија, ниту Европа не можат да бидат обединети без секоја држава од Западен Балкан да стане членка во Европската Унија, вели Маричиќ, пренесе во соопштение владиниот Секретаријат за европски прашања (СЕП).
Американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер, која заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше во посета на граничниот премин Богородица, одговарајќи на новинарско прашање кажа оти смета дека просперитетот и безбедноста на оваа држава е во нејзиното пристапување и интеграција во Европската унија и оти навистина се надева дека политичарите од сите политички партии во земјава ќе работат кон остварување на тоа.
-Навистина сметам дека не е мое да зборувам за тоа како тече процесот на уставните измени. Јас сум амбасадор на САД. Ние не сме дел од Европската Унија, но кога ја гледам границата и големиот број возила кои влегуваат и излегуваат, сметам дека просперитетот и безбедноста на оваа држава е во нејзиното пристапување и интеграција во Европа и навистина се надевам дека политичарите од сите политички партии во земјава ќе работат кон остварување на тоа. Границата со Грција не потсетува на тешките одлуки што оваа земја веќе ги направи, и знам дека и ова е тешко, но ги охрабрувам граѓаните да им дадат до знаење на нивните политичари дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ, изјави Агелер.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ од седницата на Извршниот комитет излезе со три заклучоци: барање до претседателот на Собранието Талат Џафери веднаш да се стави точката за уставни измени на гласање, а не да се одлага, потоа распуштање на Парламентот и брзи предвремени парламентарни избори и третото дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да се откаже од техничката влада.
Лидерот на партијата Христијан Мицкоски на собир во Кичево кажа дека ВМРО-ДПМНЕ на следни избори ќе оствари историски резултат, но и оти се прави стратегија како да се „скрши ВМРО-ДПМНЕ“ и 44-те нивни пратеници да изгласаат уставни измени по бугарски диктат.
-Македонскиот народ денеска е исправен можеби пред најголемиот егзистенцијален предизвик, а тоа е да се избори за себе и за својата Македонија. Дали тоа ќе го направиме? Да! Ќе се избориме сите заедно, затоа што ја чувствувам поддршката на народот каде и да одам низ Македонија. Во таа борба има многу предизвици, и од внатре и од надвор. Многумина ќе дојдат до вас, ќе ви ја стегнат раката и ќе ве погледаат во очи и ќе ви кажат се што сакате да слушнете. Но, внимавајте истите тие кои што ќе ви кажат се што сакате да слушнете, позади завесата се договараат со нивните стопани. Кои се нивните стопани? Сите тие кои што не сакаат овој народ да успее и оваа држава да успее, рече Мицкоски во Кичево.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ денес се соочени пред историски епохален предизвик и оти „Европа, светот прави стратегија како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ“ и 44-те пратеници да изгласаат уставни измени во Парламентот скроени по бугарски диктат. Мицкоски ги повикал сите граѓани за да се обединат околу ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Алијансата за Албанците и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари вчера изјави дека ако не се случат уставните промени, ќе се отворат многу проблеми коишто можеби ќе отворат нови прашања кои политичките партии ги немаат кажано.
– Ние како партија имаме конзистентен став по ова прашање и ќе ги поддржиме, но мислам дека ако не успеат уставните промени, во Македонија ќе се отвори Пандорината кутија. Во тој случај мислам дека ќе се отворат многу проблеми коишто можеби тлеат кај луѓето и кај политичките партии коишто не досега не се кажани, а можеби во наредниот период ќе бидат кажани. А Алијанса за Албанците ако не поминат уставните промени, нормално ќе си има своја стратегија како понатаму ќе продолжиме со нашата стратегија, рече Таравари.
Околу контактите со опозициската ВМРО ДПМНЕ и дали се водат разговори, Таравари потврдно одговори и потенцира дека во ВМРО ДПМНЕ има членови кои поинаку мислат од раководството, но тој мисли дека постојат шанси и целата партија некако, со нови услови, да одлучат поинаку во претстојниот период.
-Се надевам дека ВМРО ДПМНЕ ќе собере сили за да поминат уставните промени, подвлече Таравари.
Движењето Левица тврди дека СДСМ не може да ги убеди ниту своите пратеници да гласаат за уставни измени и бара избори веднаш.