На Европа и треба силна Италија која ќе дејствува заедно со нејзините партнери за да најде излез од војната во Украина, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за италијанското издание „Фолио“ и ја повика ЕУ да остане обединета.

„Ако сакаме да генерираме доверба како Европејци во нашата долгорочна поддршка за Украина, мора да бидеме способни да обезбедиме цврсти безбедносни гаранции. Се обидуваме да ги придвижиме работите. И ни треба Италија, силна Италија која дејствува заедно со Франција, Германија, во координација со големите земји“, нагласи Макрон.

„Италија треба да биде на наша страна, да се посвети на овој пат и да го стори тоа како голема европска земја, следејќи ги стапките на Марио Драги“, рече Макрон, мислејќи на претходникот на премиерката Џорџа Мелони.

Во овој момент, додаде Макрон, мораме да останеме обединети.

На маргините на самитот во Лондон вчера Мелони рече дека е важно да се избегне поделба на Западот по спорот меѓу Доналд Трамп и Володимир Зеленски во Овалната соба на Белата куќа.

Мелони додаде дека Италија и Велика Британија можат да играат важна улога и да бидат тие што градат мостови меѓу земјите.

Фото: ЕПА