Министерот за здравство, Азир Алиу заедно со еврокомесарот за здравство, Оливер Вархеј, денеска во Брисел го потпишаа договорот за учество на Република Македонија во програмата EU4Health, најголемата програма на Европската Унија во областа на здравството.

На свеченото потпишување, министерот Алиу истакна дека пристапувањето кон EU4Health претставува значаен чекор во европската интеграција на македонското здравство и потврда дека реформските процеси во земјата се движат во согласност со европските стандарди и приоритети.

МЗ

-Со потпишувањето на договорот, нашата држава станува дел од европските напори за зајакнување на здравствените системи, унапредување на јавното здравје, дигитализација на здравствените услуги, подобрување на подготвеноста за здравствени кризи и обезбедување поквалитетна здравствена заштита за граѓаните. Ова не е само пристапување кон една европска програма, туку инвестиција во подобри здравствени услуги, посилни институции и подобри услови за пациентите и здравствените работници. Со EU4Health, нашите реформи добиваат дополнителна европска поддршка, знаење и партнерства, нагласи во своето обраќање министерот Алиу.

Тој посочи дека денешното потпишување е важен сигнал дека Македонија не само што ја декларира својата европска определба, туку ја претвора во конкретни политики и конкретни можности за граѓаните.

Учеството во програмата ќе овозможи македонските здравствени институции и експерти да се вклучат во европски мрежи, заеднички проекти и иницијативи насочени кон подобрување на здравствените политики и услуги.