Во текот на изминатата недела (од 11 март до 17 март), регистрирани се седум смртни случаи од компликации од грип, два од кои со датум на смрт во претходните две недели.
Се работи за три лица од Скопје, две од Кичево и по едно лице од Ресен и Валандово. Возраста на починатите се движи од 37-82 години. Кај пет лица е утврдена претходна хронична болест, односно постоење на ко-морбидитет. Кај 43 отсто од починатите потврден е А(H1pdm) вирусот на грип, се наведува во извештајот што попладнево го објави Институтот за јавно здравје.
Во текот на изминатата недела во државава се пријавени 1.573 заболени од грип, што е за 35,2 отсто намалување споредено со неделата пред неа кога беа регистрирани 2.429 заболени.
Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 20,6 отсто споредено со 11-та недела од минатата сезона.
Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 84 материјали за тестирање на грип, од кои 39 (46,4 отсто) позитивни за присуство на вирусот на грип – 31 инфлуенца A(H1)pdm, два инфлуенца A(H3) и шест инфлуенца А несуптипизиран.
Како и во текот на претходните недели од почетокот на сезоната, така и во 11-та недела, најголем број заболени (1.003) се пријавени во возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца од 130,8 на 100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст до четири години.
Оваа недела пријавени се заболени лица од 27 извештајни единици. Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на Центарот за јавно здравје Скопје (370), а највисока инциденца е регистрирана на подрачјето на Подрачната единица Кавадарци.
Намалувањето на процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор под 50 отсто, исто така укажува на намалување на активност на вирусот на грип.
Во сезоната 2018/2019 вкупниот број заболени од грип изнесува 19.204. Во текот на сезоната 2018/19, регистрирани се вкупно 22 смртни случаи асоцирани со грип, на возраст од пет до 86 години. Најголем број од починатите лица се жители на подрачјето на ЦЈЗ Скопје (12), три лица се од Охрид, две од Кичево и по еден смртен случај е пријавен во Кавадарци, Делчево, Тетово, Ресен и Валандово. Кај 17 лица е утврдено постоење на коморбидитет.
Според податоците добиени од Управата за електронско здравство, вакцинирани се 19.992 лица со бесплатни вакцини против сезонски грип (лица постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија или без примања), односно 71,4 отсто од вкупниот број набавени вакцини.