Демократската унија за интеграција после Охрид, активностите во рамките на кампањата за референдумот ги продолжи во Струга од каде упати повик на 30 септември масовно да се излезе на референдум и да се гласа „за“ Македонија во НАТО.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети истакна дека вредностите на Договорот од Преспа ќе се виделе „кога ќе ги собереме неговите плодови, а тоа се мирот, стабилноста, безбедноста и иднината“.

– Затоа сите треба да ја превземеме улогата на големите мисионери и идеалисти и да излеземе да пропагандираме, да побараме поддршка од сите кои што се двоумат или имаат некаква дилема дека на 30 септември ќе се гласа за многу посигурна иднина и дека 30 септември е неповторлив. План Б нема. Ако некој бара алтернатива на Исток, тоа ќе биде невозможно бидејќи ќе наиде на препреки од огромното мнозинство на граѓаните на Македонија. Ние сме определени, да не зборуваме како Албанци бидејќи заедно сме работеле под мотото на Националната преродба „Сонцето за Албанците изгрева на запад”. Ова е мотото за Албанците, но нека користи за сите граѓани бидејќи на запад се раѓа иднината. На 30 септември се одлучува за идните генерации, истакна Ахмети.

На присутните им се обрати и шефот на Централниот штаб на ДУИ, Атила Реџепи, како и градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко.

Активностите за информирање на граѓаните во врска со референдумот што ќе се одржи на 30 септември ќе продолжат и за време на денешниот ден кога Централниот штаб за референдумот на ДУИ ќе одржи собир со граѓаните во Кичево.