Кај нас е регистриран случај на девојка која има 28 години со таков тромботичен ефект кој се поврзува со примена една доза на вакцината „Астра Зенека“ во Србија. Таа од вчера е на болничко лекување. Тромботичниот ефект се јавил шест до седум дена после вакцинацијата. Не се констатирани претходни заболувања, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Во врска со вакцината на „Астра Зенека“ и вчерашните информации како став на Германија и Канада со оглед на тоа што имаше пријавени случаи на тромбоза на лица под 55 години односно 60 години, посочи, одлучивме да бидеме внимателни и да одиме полека, но сигурно и во таа смисла ќе чекаме дефинитивна потврда дека вакцината е безбедна.

Многу е тешко, посочи Филипче, да се каже дали има некоја точна временска рамка во која нешто може да се очекува.

– Веќе денеска од Германија има и други најави дека ќе се продолжи со вакцинацијата, но после консултација со лекар, но затоа сакаме да бидеме претпазливи. Денеска имаме закажани состаноци со Комисијата за безбедност во Агенцијата за лекови со кои сакаме да размениме соодветни информации евентуално да се обратиме со Европската агенција за лекови и директно до германското Министерството за здравство. Станува збор за тромботична реакција како резултат на вакцината од „Астра Зенека“ кај помлади луѓе и тоа е една реакција на тромбоцитите после што се создаваат мали згрутчувања на крвта. Станува збор за исклучително мал број случаи некаде од еден на 120 000 до еден на милион. Но, повторно ќе кажам иско се ретки ние сакаме да бидеме многу претплазливи, рече Филипче.

Имајќи предвид дека еден дел од граѓаните се вакцинираше во Србија во изминатиот период, појасни, засега нема никакви препораки дека нешто превентивно треба да се прави ако некој примил една доза на вакцината на „Астра Зенека“.

– Сепак станува збор за многу ретки случаи. Во однос на ревакцината, сите граѓани кои се вакцинирани ќе бидат ревакцинирани согласно препораките кои ги очекуваме во следниот период. Значи ќе започнеме со оние други категории граѓани за што веќе ги собираме податоците тогаш кога ќе бидеме сигурни дека вакцинацијата со оваа вакцина може да продолжи и кај помлади луѓе. Имајќи го се ова предвид и ставовите на овие сериозни агенции за лекови, Германија и Канада ќе бидеме внимателни и ќе видиме во која насока ќе продолжиме,истакна Филипче.

Потенцира дека верува оти ќе се потврди уште еднаш дека бенефитот од вакцината во смисла на тоа ризикот да се заболи од тешка форма на Ковид е многу поголем од ризикот да се добие некаква таква компликација.

-Нема да избрзаме, ги чекаме сите препораки од официјалните институции вклучително можеби и некаква препорака од производителот, додаде Филипче.