Министерот за здравство Венко Филипче вчера истакна дека ако епидемиолошката слика е добра и стабилна, на почетокот на месец ноември ќе се даде дозвола уште некоја група од децата да оди со физичко присуство во училиштата.

– Од 1 октомври, со физичко присуство би можеле да одат и други одделенија само во ситуација кога вкупниот број  деца во одделенијата или бројот на класови во училиштето е толку мал да сметаат епидемиолозите дека е ризикот мал, односно ист или помал, рече Филипче во вчерашното гостување во емисија на Алсат М телевизија.

Еден е ризикот, потенцира тој, да бидат стотина деца од прво до трето одделение со физичко присуство во училиштата, но, како што нагласи, повеќе од двојно ќе биде ризикот уште толку деца да ставиме од четврто, петто и шесто одделение на почетокот на октомври, бидејќи тие се во контакт со истите наставници.

– На пример, ако е некоја наставничка позитивна и дојде во контакт со голем број  деца тие се сите во ризик. Затоа одиме дел по дел, потенцира Филипче.

Тој истакна дека секоја од мерките се носени и препорачани за да се почитуваат. Граѓаните, вели, мора да бидат свесни дека така го штитат и сопственото здравје и здравјето на своите најблиски.

– Препораките за постепен влез во есенските месеци, за постепено пуштање во функција на градинките, училиштата, рестрикцијата на бројот на ученици во училиштата е токму поради тоа. Не сакаме огромен број  ризик фактори да се сконцентрираат во еден временски период. Сметаме дека во месец септември луѓето се веќе на работните места и повеќе се во затворено. За секој од овие економски оператори, компании, администрација има препораки како се носат маски, како се седи на дистанца итн. Секогаш, уште на почетокот препораката кој може да работи од дома онлајн тоа да го прави и тоа важи насекаде во светот, рече Филипче.

Посочи дека не може да се запре со животот.

– Ние може само да видиме и да пратиме искуства што се случува во други земји, во светот во кои мерките не се почитуваат. Случај е сега Израел. После наглото отворање на училишта, градинки, тие се принудени да воведат карантин. Повеќенеделен, во временски период од три недели. Ние имаме протоколи и начин на функционирање на апсолутно сите економски оператори. Тоа е теркот по кој ќе се живее. Не може да ставаме рестрикции кои може да дадат некакви лоши ефекти и средно и долгорочно, кои после ќе се одразат и на здравјето на граѓаните. Едноставно се смени животот насекаде. Граѓаните да бидат свесни дека треба да се почитуваат мерките, потенцираше Филипче.