Првостепениот специјален суд за корупција и организиран криминал одлучи да ја остави во сила мерката „затворски притвор“ за градоначалникот на Химара, Фреди Белери, кој е обвинет за изборна корупција.

Ова беше повторено барање за ублажување на мерката затворски со домашен притвор, за да може да даде заклетва како градоначалник. Претходно барањата беа одбиени од сите судски инстанци, вклучително и Врховниот суд.

Неговите адвокати изјавија дека обвинувањата се неосановани и најавија дека ќе се жалат до судот во Стразбур.

Белери, кој е припадник на грчкото малцинство, беше уапсен на 12 мај, два дена пред локланите избори, на кои иако во притвор тој беше реизбран на функцијата градоначалник.

По апсењето и неговото задржување во притвор официјална Атина во континуитет бара негово ослободување, условувајќи ја Албанија со нејзиниот евроинтегративен пат, што Тирана го смета за мешање во внатрешните работи и притисок врз правосудните органи.

Последната закана доаѓа од министерот за труд и социјала Адонис Георгиадис, кој денеска упатил остра порака до Албанија дека „доколку не дозволи Белери да даде заклетва Албанија ќе има последици за членството во Европската унија“.

-Заборавете на парите од ЕУ ако ја попречувате заклетвата на Белери. Албанија ќе ги заборави парите од Европа доколку Фреди Белери не положи заклетва како градоначалник на Химара. Албанија ќе плати многу висока цена ако продолжи да ги крши правата на Грците, предупредил министерот Георгиадис.

Припадниците на грчкото мацинство организираа протест во Химара со барање за негово ослободување, на кој се обратија градоначалниците на Атина и на Солун, кои исто така ја условија Албанија со евроинтегративниот процес.

Поради заладените односи меѓу премиерите на двете земји, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис не го поканил Еди Рама на денешната неформална вечера во Атина што ја организира Мицотакис за лидерите од регионот. Поканет беше шефот на државата Бајрам Бегај, но тој не отпатува поради „претходно утврдена агенда“.