По консултациите што се одвиваа синоќа, во текот на ноќта и утринава, германската Влада денеска го објави пакетот за поддршка вреден над 65 милијарди евра за помош на граѓаните во услови на вртоглаво зголемени трошоци за енергијата и инфлацијата, јави ДПА.
Мерките вклучуваат нов, поевтин билет за националниот јавен превоз, паушален износ што ќе им се плаќа на пензионерите и студентите, од 300 и 200 евра соодветно за помош во трошоците за енергија, зголемување на бенефициите и зголемување на месечната сума што им се плаќа на родителите за секое дете – од 18 евра за прво и второ дете.
Владата натаму воведува пониски цени за одредено основно ниво на потрошувачка на енергија, така што потрошувачите ќе треба да плаќаат повисоки цени само откако ќе ја надминат оваа сума.
Пакетот е наменет за „сите домаќинства – исто така пензионери, студенти, технички студенти и чираци“, се вели во соопштението на владата, пренесено од ДПА.