– Европското обвинителство потврдува дека истражува набавка на вакцини против Ковид-19 во Европската Унија, соопштија од институцијата, информира Билд. Оваа потврда се должи на исклучително високиот јавен интерес.
Во оваа фаза не се објавуваат дополнителни детали, пишува весникот.
За време на пандемијата, Европската Комисија преговараше и договори стотици милиони дози на вакцини во име на земјите-членки.
Постапката постојано беше критикувана затоа што договорите беа само делумно обелоденети или затоа што имаше доцнења во испораката на вакцината, потсетува Билд.
Што точно обвинителството во моментов истражува, останува нејасно. Со месеци особено беше критикуван договорот за до 1,8 милијарди дози на Фајзер/БиоНТек од пролетта 2021 година. Тогаш обемот на договорот беше проценет на 35 милијарди евра.
Како што објави Њујорк Тајмс, за договорот пресуден бил личниот контакт меѓу шефицата на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен и шефот на Фајзер Алберт Бурла. Двајцата наводно си размениле СМС пораки.
Европската Комисија одби да им даде на новинарите пристап до предметните СМС пораки. Според извештајот од септември, Европскиот суд на ревизори не добил никакви информации за договорот. Европскиот омбудсман Емили О’Рајли остро ги критикуваше постапките на Европската Комисија.