Во изминатите две години успеавме да обезбедиме речиси девет милијади денари поголем буџет во здравството бидејќи без зголемување на неговите издвојувања нема да ги решиме проблемите. Ова не е само зголемен буџет, туку зад секоја оваа бројка стои конкретна мерка за подобрување на здравствената заштита за пациентите и за подобрување на условите за здравствените работници – истакна денеска досегашниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, кој вчера беше избран за нов министер за здравство.
Презентирајќи ги најзначајните реформи и реализираните проекти, тој рече дека во примарното здравство има историското зголемување на капитацискиот бод од април 2025 година од 33 проценти, воведување нови превентивни цели кај матичните доктори, првпат воведено ментално здравје како превентивна цел за да се одговори на новите потреби во општеството.
– Во јавното здравство се фокусиравме на платите, кои се зголемени кумулативно 22 проценти, тоа е над 15 проценти реален раст, земајќи ја предвид инфлацијата со фокус на средномедицинскиот кадар бидејќи недостигот на медицински сестри е еден од главните проблеми во кадровските прашања во здравството. Успеавме да го запреме намалувањето на бројот на здравствени работници. Во изминатиот период бројот на вработени во јавното здравство се зголеми од 18.000 на 18.900 – истакна Клековски.
Потенцира дека успеале да го зголемат буџетирањето во јавното здравство за 26 проценти, постигнале рекордно зголемување на условни буџети, односно за посебно скапи лекови, бидејќи лековите и пристапот кон нив бил еден од клучните предизвици во овој период. Над четири милијарди денари, појасни, се обезбедени за Онкологија, Педијатрија, за Неврологија, без листи на чекање и со зголемен опфат на најголем дел од автоимуните состојби и слични болести, а набргу ќе има промовирање на подобрувањето на пристапот и на други подрачја.
– Се зголеми бројот на болнички услуги, но според очекувањата не се зголеми комплексноста на зафатите што се работат бидејќи целта е јавното здравство да таргетира се повеќе состојби за кои се оди во приватно здравство или се оди на лекување во странство. Позитивната листа после децениската заспаност ја зголемивме три пати, успеавме да добиеме пониски цени преку генеричката конкуренција и покажавме дека со мали измени со префрлување на лековите од болничка употреба во аптека можеме да им го олесниме животот на пациентите, зборувам за онколошките пациенти, меѓутоа и на Клиниката за онкологија, рече Клековски.
Во врска со лекувањето во странство нагласи дека минатата година имало само 17 одбиени барања, се зголемиле одобрувањата, и се што е оправдано се обидуваат да најат можност за лекување. Посочи дека изминатата година во Австрија лекувањата се со двојазичен образец врз основа на меѓусебната спогодба.
– Сето ова го направивме со 30 вработени помалку во Фондот. Немаме зголемување на администрацијата, напротив имаме нејзино намалување. Истовремено успеавме Фондот да го вратиме таму каде некогаш бил, на првото место по транспарентност меѓу јавните институции, истакна Клековски.
Во однос на владините проекти за кои преземале обврска, како што наведе, реализацијата е 54 проценти.
– Најголем дел од работите кои ги набројав како позитивната листа и слично се дел од владината програмата, односно е во тек е-рецепт каде финиширањето зависи од Министерството за здравство и обезбедување на здравствено осугурување за деца до 18 години без оглед дали нивните родители се покриени со здравствено осигурување. Тие два проекти остануваат за понатаму и два што ни ги зададе Владата во меѓувреме со заклучоци за критериумите за здравствено осигурување за невработени и со ниски примања, како и за уредбата за здравствена мрежа се два проекти кои треба заедно со Министерството за здравство да се довршат, посочи Клековски.
Ова, потенцира, е сликата што ќе ја оставам на следниот директор на Фондот, кој го очекуваме час поскоро.
– Сето ова не ќе беше возможно без вработените во Фондот. Јас како директор во овие две години не донесов ниту еден човек во Фондот и исклучиво работев со веќе вработени луѓе во Фондот. Во сите институции има луѓе кои сакаат да работат, само треба да бидат пронајдени и мотивирани да го направат тоа. Сакам таа мотивација за успешна работа на Фондот да продолжи понатаму. Ви благодарам и на вас медиумите за повеќе од коректната соработка и се надевам дека тој транспарентен стил на комуникација ќе го практикува и новото раководство на Фондот, а јас како министер ви гарантирам дека ќе имаме редовна комуникација, рече Клековски
Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека е задоволен од сработеното и дека можело уште повеќе.
– Меѓуинституционалната соработка е многу бавна. Скоро сите работи кои сакате да ги поместите надвор од оперативно ниво бараат некоја институционална соработка и таа многу бавно се одвива. Мораме да работиме на хоризонталната комуникација и надминување на оваа главно вертикална комуникација. Единствен начин да ја зголемиме продуктивноста е да ја намалиме администрацијата, посочи Клековски.
Регионализацијата во Штип, Тетово и Кичево и Клиничкиот центар во Скопје остануваат приоритети на Владата, посочи тој на новинарско прашање.
Во врска со евиденцијата на работното време, тој подвлече дека тоа е законска обврска и нема простор за тоа дали треба да ја има.
– За методологијата на водење на евиденцијата ќе разговараме со директорите кои мора да имаат законски утврдена евиденција и тука нема да има отстапки, додаде Клековски. (МИА)




