Тоа се тие кадри кои ќе го зголемат капацитетот на МЕПСО, Централен Регистар и ПУИГ.

Добро, знаевме сите дека шарената револуција беше интервју за работа, ама другари како бе тоа срушивте режим со пенкало кога кадарот што го запослувате ви е занаетчиски? Јас колку што знам фризерките и козметичарките не користат пенкала на работа освен за закажување на термини, освен ако ова вашите кадри измеѓу термините за депилација и фенирање не пишуваат докторски дисертации на рака.

Ај едната од козметичарките што била вработена во време на реЖимот, да, тој истиот што го срушивте со пенкало, сега истата станува пази молим те директорка на Централен Регистар, па уште и си ја вработува сестрата во ПУИГ, а козметичкиот салон „ЕМИЛИ“ у Дебар Маало иде под клуч.

Па има ли смисла ова? Знаете ли вие колку клиентки се оставени на цедило у сред лето да нема кој да им направи педикир и маникир за на плажа?! Па знаете ли вие дека фризер, козметичар и гинеколог не се менуваат?!

Вака кога ќе подразмислам би ве советувала да им опремите една канцеларија за нудење на козметички услуги во текот на работното време, така ем клиентите нема да бидат извисени ем дел од заработката може да се уплаќа на буџетската сметка на институцијата. Да не зборам што бенефит ќе имаат и самите вработени, наместо да излегуваат на пауза да се фризираат и да се депилираат вака ќе може да си се средат на работа, а паузата ќе си ја користат за други цели и нема да се задржуваат подолго од предвидените 30 минути. Башка со набавката на МЕПСО за антишок фотелји опуштањето ќе им биде загарантирано.

Немој да заборавите да ги праќате на дополнителни обуки затоа што во светот на козметиката потребна е постојана надградба на знаењето со цел нудење на подобри услуги. Обавезно да ги пратите на некој курс за јапонски веѓи, а и на скалп микропигментација затоа што не е фер машките колеги да се чувствуваат запоставено.

Би било пожелно ценовникот да го истакнете некаде на видливо место на огласна табла, па може и некоја странка што дошла да поднесе документи да се подзасреди дур е тука, времето е пари во денешно време и секоја минута рационално искористена многу значи.

Она што недостасува следно е да вработите и масерки и масери, за да се намали стресот кај вработените, само ве молам внимавајте да не погодите некој/а што е специјализиран/а за happy ending  па да имаме скандал од погoлеми размери.

 

М-р Мартина Антиќ