Како никогаш до сега блескаме, блескаме од глупавост која достигнува епски размери.

Најблескав пример сме во цел свет. Не знам дали постои друга држава којашто може да се пофали со ваков егземплар од премиер кој прима одликувања од непостоечки принцови и на кој секој комичар од светот може да му се јави и да го наведе да се отвори како пупка за своите ставови, позиции, а и да си го покаже криминогениот карактер. И да се разбереме, не било доволно само еднаш да си играат „дрндупка“ со премиерот ни, туку во три наврати човекот си разговарал со Столтенберг и Порошенко. Особено ме бендиса делот кај што покажува лична иницијатива да влезе во бизнисот со чоколада на Порошенко, на „Европа“ нема да ѝ штети малку конкуренција, а башка „Муртино чоклет фактори“ ќе отвори нови работни места со минимална плата од 500 евра.

Ќе бидам навистина разочарана ако не осамне некој разговор измеѓу Заев и Кралицата Елизабета. Ред ќе беше да го поканеа на кршевка на принцот Арчи, па нашето муртинско височество со Зорка под рака да се упатеа накај Лондон на кралска крштевка, а притоа со сите фанфари трубадурите на власта да ни објавеа дека имаме најценет премиер на светот кој ја има привилегијата единствен од цел свет да присуствува на еден ваков важен настан. Секако Боки таканаречен Коки ќе имаше ексклузивни права да врши директен пренос од пристигнувањето на македонската делегација во Лондон.

Јас не знам какви искуство и способности имаат најблиските соработници на Заев кога не можат да уденат точно знаме на држава, да погодат кој е вистински, а кој лажен принц и дали премиерот навистина го бара украински премиер или е „скриена камера“ во прашање. Кој знае што го поучил советникот за надворешна политика Дане Талески за тоа што треба да разговара со Украина.

Жал ме фаќа за сиромашкиот Роберт Поповски, пред себе има сега сизифовска задача, како да ја оправда оваа епска глупост. Колкаво извинување треба да смисли, дали извинувањето да е до небо или од дното на душата?! Јас би му ја препорачала втората опција, најсоодветно ќе е од дното на душата затоа што немаат дно, што значи извинувањето ќе е бесконечно како вселената и заевата, ова де човечката глупост.

По не знам кој пат Заев избриша патос со Македонија. Јас не знам за друг премиер или влада во светот што си ја изложиле својата земја на потсмев. Се прашувам уште колку е потребно за човеков да си оди?! Штетата којашто ја нанесуваат на држава секој ден е сè поголема и поголема почнувајќи од договорите кои ги потпиша со Бугарија и Грција па се до лоповлукот на големо кој што го спроведуваат на чело со Рашко и Кочо и вртоглавите задолжувања кои ги прават за вештачки да се одржат на власт трошејќи пари за социјални трансфери.

Во цела оваа несреќа што нè снашла среќа е што сепак на #ТендеРашко чесноста му е најјаката карактерна особина, па фино нè упати да сме се јавеле на “Леонардо” во Италија и да сме ги прашале дали им барал процент. За разлика од него, Јован Деспотовски не нè упати кај брат му на Орадновски да ни ја демонстрира веќе постоечката иновација што му ја плативме 350 илјади евра.

И сега да ве прашам, навистина очекуваме датум во октомври? Како бре некој би не посакал во друштво кога сè што покажавме изминатиот период е свиткување на кичма, ароганција, незнаење и  лепливи прсти?!

Не е до него, до нас е. Ќе го оставиме ли и понатаму да не блати и урнисува? Една држава и еден дом имаме, и ако беше за атер доста беше.

Мартина Антиќ