Нема нови случаи на заболени од коронавирус во Македонија.

– Во моментов на Клиниката за инфективни болести се очекува да бидат донесени четворицата пациенти од Дебар кај кои претходно беше потврдена болеста. Меѓу нив е и 15-годишно момче, и сите се со лесни симптоми на болеста, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција во Владата.

На Клиниката и натаму остануваат на лекување осум заболени пациенти, еден од Скопје и седуммина од Дебар. Дополнително е влошена состојбата на една пациентка која е на апарат за вештачко дишење и на соодветна терапија.

Првата пациентка кај која беше потврдена болеста е целосно излекувана и в понеделник ќе биде отпуштена од болница.

Во моментов за коронавирус се тестираат седум лица, шест од Дебар и еден странец за кој тестирањето е преку Центарот за јавно здравје во Битола. Ќе бидат тестирани уште две лица кои биле во Шпанија и се пријавиле дека имаат покачена телесна температура.

Филипче кажа се чекаат резултатите од тестовите и штом бидат готови јавноста ќе биде информирана.