Албанскиот премиер Еди Рама на меѓународниот форум „Берлински глобален дијалог“ (Berlin Global Dialogue) оцени дека „некои земји во регионот се под руско влијание“ и и затоа „неопходно е забрзување на интегративниот процес на Западен Балкан во Европската Унија“.

-Морам да кажам дека по руската инвазија, дури и најскептичните, дури и најоддалечените од Западен Балкан, ја сфатија неговата геополитичка важност. Западен Балкан има прилично тешка историја, но тој е во срцето на Европа. Нема други решенија освен интегрирање на Западен Балкан  во ЕУ. Ова  е причината зошто  мора да се забрза процесот на интеграција. Ние сме меѓу многуте актери (не зборувам за Албанија), но во другите земји има поголемо руско влијание. Ова треба да се ублажи со интегрирање на ЗБ во ЕУ. Она што Албанија може да го донесе во ЕУ е дека иако сме мали, ние сме доследни на многу начини, тоа ќе биде нето вредност во однос на мирот и безбедноста, изјавил Рама, јави Топ чанел.

Рама останува скептичен за времето кога ЕУ ќе каже „Да“ за, како што вели  „бракот со Албанија“.

-ЕУ има свои проблеми кои ние ги знаеме, тежок процес на одлучување, државите имаат свои проблеми… Не можам да зборувам за рокови бидејќи не знам дали ЕУ ги почитува. Целосно сме во мир со самите себе, дека треба да си ја завршиме домашната задача. Верувам дека ЕУ е најистакнатиот извор на знаење во градењето на државата. Тие поставуваат многу услови затоа што треба да бидат сигурни дека со кого се мажат. За нас тоа е брак на љубовта, за ЕУ ​​е брак на интереси, посочил Рама.

Меѓу другото, тој најави дека целта на неговата земја до 2030 година да бидат нето извозник на енергија.