За ВМРО-ДПМНЕ е несфатливо дека може да се работи чесно и одговорно, реагира денеска владејачкиот СДСМ во врска со нивното чесно работење и во здравството.

– Ништо ново во ВМРО-ДПМНЕ, нов ден нова лажна вест од белиот дворец. Партијата без идеја, без програма се потпира единствено на лажни вести и конструирани случаи. Постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции е процес што се водел транспарентно, согласно Законите за јавно-приватно партнерство и концесии. Не е првпат ВМРО-ДПМНЕ да шири лажни вести за набавки во Министерството за здравство, но нивните лаги беа и официјално демантирани од официјални институции, соопштува СДСМ.

Натаму во нивната вистина за работата во соопштението се додава:

– Пред неколку месеци Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе одлука со која укажа дека нема место за јавнообвинителска интервенција во предметот за јавните набавки во Министерство за здравство. Навикната на криминални тендери и расипништво, за ВМРО-ДПМНЕ е несфатливо дека може да се работи чесно и одговорно. ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на деструкцијата и лажните вести, СДСМ останува посветена на развој и унапредување на здравствениот систем и правата на пациентите, се вели во сооопштението од Центарот за комуникации на СДСМ.