Довербата на граѓаните во македонската полиција за време на мандатот на министерот Оливер Спасовски од 23 отсто пораснала на 68 проценти, се пофали денеска Спасовски на трибина организирана од полицискиот синдикат.
– На почетокот на мојот мандат, тргнувајќи од позицијата која ја имаше македонската полиција, пред се довербата на граѓаните која во тој момент немаше повеќе од 23 отсто, бараше сериозен реформски пристап во смисла на почитување и подигање на ниво на заштита на човековите слободи и права, имајќи предвид се што ни се случуваше претходно. Сакам да се заблагодарам на сите членови на Македонскиот полициски синдикат и на сите полициски службеници, за разбирањето и за сето она што заеднички го направивме, и денеска сите анализи и истражувања покажуваат дека довербата во полицијата е некаде околу 68 отсто. Дали треба тука да застанеме, сигурно дека не треба тука да застанеме, објави Спасовски на неговиот официјален профил на Фејсбук.
Инаку, министерот Спасовски и раководството на полицискиот синдикат често на своите профили и јавни соопштенија си упатуваат пофалби за меѓусебната соработка.