Министерот за здравство Венко Филипче смета дека ситуацијата со КОВИД-19 е стабилна зашто подолго време, од вкупно направените тестови, позитивни се околу 10 до 15 проценти, а тестирањата откривале голем број асимптоматски случаи.
Во изјава за ТВ Телма, Филипче нагласи дека кадарот е добро организиран со системот на ротација на лекарите и медицинските сестри од одделенијата за интерна медицина во одделенијата за инфектологија. Болниците, вели Филипче, имаат доволно капацитет со оглед на процентот на хоспитализирани пациенти, а наскоро се очекува да почне со редовно работење и ГОБ „8 Септември“. Од следната недела се очекува да почне и распоредувањето на пациентите од ГОБ „8 Септември“ на Инфективната клиника.
– Овој начин на пристап, во однос на индикацијата за тестирање, а тоа е тестирање на сите кои имаат симптоми, меѓутоа и лицата кои се контакти и имаат исклучително висок ризик, е добра стратегија што треба да продолжи, заради тоа што се откриваат огромен број асимптоматски носители и со тоа се ставаат во изолација. На тој начин се спречува ширењето на инфекцијата. Еден од најдобрите индикатори како е сега ситуацијата е капацитетот во болниците – има сосем доволно слободни кревети на Инфективната клиника и во ГОБ „8 Септември“. Ние планираме веќе од следната недела да почне и распоредување на пациентите од ГОБ „8 септември“ на Инфективната клиника, имајќи предвид дека таму има сосем доволно слободни кревети, а целосно е празна и модуларната болница, за да почне редовниот програм во ГОБ „8 Септември“, пред сè во делот на ортопедијата, истакна Филипче, додавајќи дека ситуацијата е под контрола.
За подготовките за есенскиот бран којшто се очекува, Филипче рече дека е направен план за дополнување на капацитетите во сите општи и клинички болници низ државата со цел да се направат мини инфективни одделенија по примерот на модуларната болница во Скопје за да може во болниците да се третираат пациентите со вообичаена патологија.
– Овие инфективни одделенија ќе ги третираат пациентите заболени од Ковид-19. Физички се одделени, затоа што тоа се сепак пациенти на кои им се потребни и посебни услови, појасни Филипче.
Во текот на следната недела проектот ќе биде презентиран пред јавноста, а веќе утре на состанок пред претставници на Светска банка ќе бидат образложени сите аспекти на проектот.
– Во текот на утрешниот ден имаме работен состанок на кој пред експерти на Светска банка ќе ги образложиме сите аспекти на овој проект кој подразбира подобрување и надградување на инфраструктурата во смисла на болнички кревети и на лаборатории. Тоа подразбира секоја болница да има своја лабораторија за брзо тестирање, резултати кои ќе бидат готови за 45 минути. Секако тука е и планот за распределување на младите лекари, кои добија лиценци за работа и покажаа интерес да работат со овие пациенти. Така што сметам дека ова е еден модел којшто ќе даде одлични резултати, изјави Филипче за Телма.
Како што е веќе познато од секојдневните објави за состојбата со коронавирусот, „стабилната и под контрола“, веќе подолг период бројот на заразени секој ден е трицифрен, секојдневно за жал има починати од Ковид-19 и бројот на заразени во Македонија надмина 10.000 лица.