Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)
Забраната на Трамп за пристап во Белата куќа на некои медиуми, меѓу кои и Си Ен Ен, очекувано, предизвика реакции во стилот „нарушување на слободата на говор“, „напад на новинарството“ (кое новинарство?) и слични дребулии.
Интересно, најголемите плачковци сега се тие кои ја поведоа „крстоносната војна“ против т.н. лажни вести. Па основаа некакви си прилично ментални „вистиномери“, кои имаа апсолутно право на вистината и кои одредуваа што е вистина, а што не. Да не зборувам за социјалните мрежи, кога, на пример, од твитер беше отстранет и еден од најголемите умови во областа на медицината, д-р Роберт Малоун, само затоа што сметаше дека ковид вакцините не се во ред и дека во секоја друга ситуација, откако уште во 2021 беше јасно дека нано честичките се таложат во јајниците на жените, би биле забранети. Ако не се лажам, од твитер беше отстранет и самиот Доналд Трамп. Затоа што ширел лажни вести, нели?
Така ја добивме средновековната инквизиција во современа форма. Навистина, тие кои го полагаа и сеуште сметаат дека го полагаат апсолутното право на вистината, не ве тераа да одите по врели жарчиња за да докажете дека не сте ѓавол, но го жигосуваа и распнуваа секој кој имаше различно мислење за конзервативните сфаќања за сексуалноста, различно мислење за „родител 1“ и „родител 2“ како замена за мајка и татко, кои не се согласуваа со тоа дека постојат повеќе од два пола, кои сметаа дека САРС КОВ 2 вирусот е измислен (што се покажа како вистина), креиран вештачки за да се убијат што повеќе луѓе и да се продадат вакцините итн итн.
Нормално, во Македонија како „напредна“ Соросова колонија, жигосани беа сите оние кои сметаа дека изборот на Талат Џафери на 27 април 2017 година (кога Шилегов гласаше со две раце, кога седницата беше завршена и во безредие беше сменет редот воспоставен од легалниот претседавач на седницата Трајко Вељановски) е всушност вистинскиот пуч и упад во Уставот и дека тоа ја испровоцира реакцијата на демонстрантите, а не обратно. Беа жигосувани сите оние кои беа против Северна, зашто Северна беше апсолутна вистина, сите оние кои сметаа дека да не ја почитуваш волјата на народот на референдум е апсолутен крах на демократијата, на Уставот, но и на здравиот мозок и директен итен упат со важност од 24 часа за клиничка психијатрија. Од носителите на апсолутна вистина и борци против лажни вести, беа жигосувани сите оние кои сметаа дека договорот со Бојко Борисов во кој, црно на бело стои дека со Бугарија имаме „заедничка историја“ (колку се денес бедни оние газди на ТВ и други медиуми, нивните директори и некакви си уредници кои сега, пази богати, ја бранат Македонија од „бугарската наезда“) значи беа жигосувани сите тие кои сметаа дека тоа е обично предавство и … и уште илјадници други примери кои беа на дело спроведувани од современата инквизиција.
И што е најапсурдно, обично тоа го правеа под превезот на заштита на слобода на говорот и со пари од т.н. заштитниците на слобода на говорот.
Впрочем, под превезот на лажни вести и борбата против нив (сетете се само како Бајденовци го жигосуваа ивермектинот) се воведе цензура полоша од онаа во комунизмот. Во тој црн комунизам, опфатот на „лажни вести“ беше многу, многукратно помал од опфатот што се воведе во сегашната современа демократија.
А приказната е многу едноставна. Во средниот век, лажна вест било дека Земјата е тркалезна. Зар не? Лажна вест било ако кажете дека нејзе не ја носат три слона или три кита. Во средниот век, ако те стават на мачење и не издржиш, тоа значело дека не веруваш во Бога, зашто инаку ќе ти помогнел да не страдаш и тоа било доказ дека ти шириш лажни вести, дека богохулиш.
Ако одиме уште поназад, во античко време, за Римјаните лажна вест била дека Исус воскреснал. Колку христијани се масакрирани од страна на римската империја заради „лажните вести“ за христијанството базирано на Исусовото воскресение? Илјадници и илјадници.
Две илјади години по тоа античко време, петстотини години по средниот век, се појавија фашизмот и комунизмот, кои исто така прогласија свои апсолутни вистини. Што е денес апсолутна вистина? Тоа што е спротивно од тоа што го кажува Трамп.
И сега, тие чувари на апсолутната вистина (на некоја госпоѓа од нашата земја пред некој ден и беше цензуриран постот во кој зборува нешто против некои вакцини), имаат состојба во која „секое влакно им смета“, ако тоа влакно им расте на килаво место. Па „лошиот“ Трамп им забранил на новинарите кои лажат за него, да имаат пристап до Белата куќа. А зошто да не им забрани? Па принципот постои, тој е воспоставен, другото се нијанси, што би рекол Џоле Балашевиќ (не сега, се разбира, додека беше жив, инаку би било лажна вест дека мртовецот проговорил, па вистиномерите ќе ме искараат).
А, сепак, Трамп е далеку од тоа да им забранува работа на тие што лажат за него, не им ги брише емисиите, не ги симнува од етерот, не ги гаси тие медиуми, не ги симнува од социјалните мрежи, не им ги одзема лиценците за работа, така како што беа забранувани Малоун, МекКолоу, Пјер Кори и стотици други научници од светска класа. Трамп не основа малоумни вистиномери, не организира хајка против новинарите ниту гаси или „прешалтува“ медиуми како што тоа беше случај во Македонија во време на Шарената револуција кога белите газиња на македонските медиумски олигарси си мачкаа „бекутан“ фактор 50 за да не им изгорат и за да ја овозможат Северна, за сега да коленичат пред палатата, истата таа за која ракоплескаа кога криминалците од СЈО ја ставија под мраз и таму до скоро ја држеа. Со еден збор, Трамп не ги уценува, не им се заканува со затвор, не ги малтретира.
Не, човекот само им забрани пристап до Белата куќа. Во овој момент, тој е таму газда и тој ги одредува правилата. Како што претходно тоа го правеа Бајден, Обама со неговата Хилари, Клинтон и можеме да одиме наназад колку сакате. А тој кој смета дека Земјата и за време на Трамп мора да се смета дека е рамна плоча и дека тие што мислат дека има родител 1 и родител 2, дека тие што мислат дека има повеќе од два пола, дека тие што лажат дека е ковидот кој уби 7 милиони луѓе дошол од некој Кинез кој на некаков си пазар купил, а потоа изел лилјак од некоја пештера оддалечена 500 км, треба и натаму да бидат на пиедесталот, тие можат да одат … по ѓаволите.
До следното враќање на инквизицијата кога повторно ќе ве судат ако имате поинаква вистина од таа на психијатриските вистиномери.
Впрочем, што е тоа вистина? Релативна? Да, таа постои! Апсолутна? Не знам, прашајте ги оние што се занимаваат со тоа што имало пред оној Биг-бенг и оние што се мислат дека животот настанал така што од некаде паднала капка вода на Земјата, па се создала амебата, па поминале милиони години и сме дошле до, на пример, Никола Димитров, Дескоска, Царовска, Бујар Османи …
Зошто го пишувам сето ова? Затоа што како минуваат годините, се помалку имам трпение за шарените глупости, за предавниците, за лицемерите, за безрбетниците, за гавазите…
И не само за нив, туку и за манипулаторите кои мислат дека сте магаренце на кого можете да му држите морков на стап пред носот и дека тоа ќе трча по морковот, иако на магаренцето му е јасно дека го манипулираат и лажат, ама ги остава за да види колку ниско ќе паднат. И затоа што, сè помалку имам трпение за оние кои ви се лигават кога им треба нешто, а на првата кривина ќе ви забијат нож во грб и ќе ве остават ако може да се удавите во надојдената вода од бурето што сте го превртеле заради нив. И да не ја ширам многу во оваа смисла, само ќе го цитирам, со мало скратување и прилагодување, Португалецот Хозе Микард Тешеира (José Micard Teixeira), познат португалски писател и мотивациски говорник, чии зборови се светски вирални:
„Повеќе немам трпение за некои работи во животот. Не затоа што станав арогантен, туку едноставно затоа што стигнав до точка кога повеќе не сакам да губам време на работи што ме прават незадоволен или тажен …
Немам повеќе трпение за какви било барања. Ја изгубив желбата да им угодувам на оние кои не ме ценат, немам љубов за оние кои не ме сакаат и не сакам да им се насмевнувам на оние кои не ми се насмевнуваат мене.
Нема да трошам повеќе ниту една секунда на оние што ме лажат или се обидуваат да манипулираат со мене. Не сакам повеќе да бидам во близина на оние кои се преправаат, кои се нечесни или површни …
… Верувам во свет полн со различности и затоа ги избегнувам луѓето со крути ставови и кои се нефлексибилни.
И не толерирам предавство и недостаток на лојалност …
А над сè, немам трпение за никого кој не го заслужува моето трпение.“
И да, имам се помалку трпение и за такви како онаа сопруга на српската „певаљка“ Жељко Јоксимовиќ, која е некаква си популарна водителка кај нашиот северен сосед и која во емисијата во која некојаси гостинка зборува за гладувањето, коментира дека затоа логорашите кои преживеале, имале долг живот. Дека гладувале во логорите. И не знам, не знам зошто не ја земеме оваа кај нас. Всушност знам. Такви кај нас ги има и премногу и не е чудо ако таа сопруга на тој Јоксимовиќ има некакво наше потекло.
И знам и дека би можеле да ја вратиме и вдомиме. Знам и во кое министерство. Или во некој невладина. Со гаранција ќе добие и странски пари.




