Како што?!  Има да го прочистиме со инверетeр климите што ќе ги субвенционира Владата така што има да се надишеме алпски воздух, толку чист што алвеолите ќе ни се отворат. Три години коваа старатегија како да го прочистат воздухот и еве исковаа, ќе субвенционираат клими и ќе инвестирал Петре, верувале или не, во инфраструктура за трамвај на водород. Многу веројатно дека тоа ќе го реализира откако ќе ги ископа тунелите под Кале и кога ќе го погоди проектот „Зиплајн од Кале до Парк“ , но да не се фаќаме за ситници, важна е намерата што би рекле старите.

Исто така важно е и што овој загаден воздух на Забрчанец му смрди многу помалку отколку оној што го дишеше пред 3 години кога не беше заседнат во Владата. Иако оваа и минатата година сме на врвот на светските листи на загадени градови и држави во светот, не само во Европа, ете тоа некако не било баш така. Веројатно клетите вмровци и за тоа шират фејк њуз и ги манипулираат светските листи да бидеме први во Европа и трети во свет, баш за инат на мерките на Владата кои ги презема и релативно почистиот воздух кој сега го дишеме.

Особено ме воодушевуваат успешните приказни на Куманово и Струмица како најгасифицирани градови во цела Македонија, а тие пустите се угушија од ПМ честички, Куманово руши рекорди во светски рамки, му дише во врат и на Скопје и на Њу Делхи. Тоа дека се гасифицирани, е сега уште болницата да ја гасифицираат и ќе бидат 100% гасифицирани, оти ради таа една пуста негасифицирана болница воздухот им е со вкус на метал. Цела среќа што Владата има слух за поплаките на граѓаните па затоа на седница на Влада на барање на министерот Спасовски одлучија да ја разгледаат можноста, повторувам да ја разгледаат можноста во иднина да ги субвенционирале граѓаните за нови приклучоци на гас и ЌЕ ја гасифицирале кумановската болница. Заклучок на место за една ЌЕ Влада.

Во моментов можат само да субвенционираат 30 инвертер клими по град, бидејќи останатите средства од се почестите задолжувања се потребни за социјални трансфери или во превод купување на ситни гласови за избори од социјално ранливи категории.

Во Битола, Наташа е зафатена со садење на џунџулиња и берба на есенски тикви, и на тој начин помага во зголемувањето на зелените површини на градот како би можеле битолчани барем малку да подишат зимава чист воздух. Жената и на одмор не отиде ради џунџулињата и боливачот. А Теута, е Теута не може сега да мисли на воздухот во Тетово, секако во Вашингтон воздухот е поквалитетен.

Во право е Забрчанец што вели: „Го чистиме воздухот што вие го загадивте.“ Цела среќа што навистина се справија со сите диви депонии и што не им гори пола Македонија во октомври.

 

Мартина Басарова Ѓеровска