Албанскиот премиер Еди Рама обвини дека Русија се крие зад протестите во неговата земја, нарекувајќи ги граѓаните кои учествуваат на нив, нејзина алатка.

-Пред два дена ми дојде порака од некого во Брисел. Дали имате информации кој стои зад овие протести во Тирана, зашто нормално е да се врши притисок врз албанската Влада која е дел од НАТО и де факто против Русија. Како можете да станете туѓа алатка правејќи го овој срамен чин. Да сум арогантен човек зошто би бил во комуникација со вас?! Ова го правам затоа што на оваа задача сум со голема страст, да ја работам оваа работа што е можно подобро и со многу високо чувство на одговорност кон оние кои ме ставија овде – огромното мнозинство Албанци. Нема ништо позначајно од ова за мене, рече Рама во комуникација во живо со граѓани на Фејсбук.

Додаде дека единственото нешто што го вознемирило од протестот е директното нарушување на достоинството на албанската нација.

-Па и 300 пати да беа побројни овие протести, даноците на горивата не можеа да се укинат. Но, мене нешто друго ме загрижува, а тоа е директното нарушување на нашето достоинство како нација, како народ, како држава, како општеството. Албанци сфатете дека од оваа реакција можат да уживаат само оние кои ја промовираат, а тоа се оние кои се во Кремљ, рече Рама.

Според него демонстрантите ја срамат Албанија во очите на Европа и светот, бидејќи тие се единствените кои протестираат во ова време на криза.

Во Тирана и повеќе градови во земјата вчера попладне беа одржани протести, шести ден по ред, на кои до Рама беше поставен ултиматум доколку до петок не ги исполни нивните барања да си поднесе оставка.