Од денеска стартува судењето на фамозниот случај „Рекет“ кој ги забезекна граѓаните слушајќи ја до вчерашната хероина на правдата како тргува со процесите на СЈО за торба евриќи, а сето тоа потпомогнато од филер ботокс Бокица и снагата Кичевска. Како ова да не беше доволно сочно, добивме и бонус на баснословни исплаќани суми за лични бонуси за молчење за содржината на бомбите кои легално им биле префлрани на сметка за разлика од бонусите кои ги земале од рекетирањата благодарение на содржината на бомбите и отворените истраги.

Е сега затоа што во Македонија сите сме роднини и пријатели никако ама баш никако не можеше да се избегне почитуваната Вилма да ја води постапката во која треба да открие кој стои позади рекетот и кај завршиле парите ама не оние троседските на Катаца туку поголемиот дел од остатокот во торбата. Верувам дека не и било лесно да истражува и да ги испрашува другарчињата со кои до вчера соработувала и на чии прослави идела, но сигурно била на висна на задачата штом премиерот Заев има безрезервна доверба дека добро ќе ја заврши постапката, иста онаква доверба каква што до вчера имаше и за славната Катица. До сега не видовме дака навистина открила кај завршиле парите од торбата и кој ја смислил операцијата „Рекет“, останува да видиме после рекламите дали во текот на судењето јавноста ќе ја дознае вистината за овој случај.

Од целава весела дружина ме чуди само како на Кацарска не и се падна да биде судија на предметот, па да биде пародијата комплетна. И онака се е во функција на забавување и замајување на народот.

Туку на страна шегата која што ја одвел ѓаволот, моментално во Македонија правосудниот систем можеби е на најголемиот тест дали ќе надвладее професионализмот и дали навистина сите виновници ама сите ќе се соочат со правдата, не само тие што се селектирани да бидат жртвени јагниња затоа што да не бидеме наивни сигурно овие што ги судат денеска не се баш единствените кои ја смислиле и извеле операцијата „Рекет“.

Судството кое Заев пред една година се фалеше дека го расцветал како пупка завчера на прес конференција кажа дека не го дорасцветал како што треба, па со тоа можеби останува мала надеж дека некој ќе одолее на притисоците и чесно и професионално ќе си ја заврши работата. Бидејќи од неговото отворање на судството како глевен реформатор  видовме само комплетен колапс на правосудниот систем, носење на нарачани пресуди, носење на селективни закони за амнестија со цел вршење на притисоци, видовме исклучена јавност од неговото судење за „Поткуп“ во кое нели беше ослободен, видовме како неговиот адвокат е во коррдинација со државниот јавен обинител. Така да навистина би биле среќни доколку мал дел од судството останал навистина неотворен.

А додека го чекаме епилогот од судењето на векот, можеби ќе дочекаме и некаков став од Премиерот за предлогот на лидерот на опозицијата да нема амнестирани лица во политиката, да се испита потеклото на имотот на политичарите и носителите на јавни функции и дали за него е прифатливо кандидат за мандатар кој ќе си оди во политичка пензија доколку ги изгуби изборите.

Мартина Басарова Ѓеровска